Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во повеќето населени места контејнерите беа премали да го соберат целиот отпад, па тој беше расфрлан околу нив во огромни количества. Тоа, секако, не придонесува за спречувања на заразата, туку дополнително за нејзино ширење. На социјалните мрежи можеа да се забележат и снимки од седенки и веселби на скалите од зградите на кои присуствуваат поголеми групи луѓе, собири на покривите на зградите итн. Ваквото неодговорно однесување исто така не придонесува за мерките за сузбивање на заразата

Продолжениот полициски викенд исфрли на површина и куп аномалии

Македонската метропола викендов го мина првиот продолжен полициски час, кој почна од петокот во 16 часот и траеше до денеска изутрина во 5 часот. Повеќето граѓани ги почитуваа мерките што се за заштита на јавното здравје и во интерес на сите. Но по првите впечатоците на терен, на површина испливуваат и еден куп аномалии, кои можеби претходно не биле земени предвид. Првата се однесува пред сѐ на (не)одржување на јавната хигиена во услови на ширење на опасна зараза.
Имено, поради вонредните околности, редуцирана е работата на јавните претпријатија, па градот беше преплавен со смет. Во повеќето населени места контејнерите беа премали да го примат целиот отпад, па тој беше расфрлан околу нив во огромни количества. Тоа, секако, не придонесува за спречувања на заразата, туку дополнително за нејзино ширење.

Нејасно е зошто сметот во скопските населби се собира еднаш неделно, кога се знае дека луѓето се дома и произведуваат многу повеќе смет отколку во нормални услови, а интенцијата е да се дезинфицираат сите јавни простори. Сега контејнерите се буквално затрупани со ѓубре, при што се шири непријатна миризба и се зголемува опасноста од појава на зарази.
– Буквално сме затрупани со смет. Сега сме сите дома и произведуваме двојно повеќе ѓубре отколку кога одиме на работа. Од „Комунална хигиена“ доаѓаат само во понеделник да го собираат сметот, а во меѓувреме ги преполнивме кантите, па некои го остават сметот и покрај кантите. Проблем е што мачките и кучињата го развлекуваат, а топлото време придонесува да се шири и непријатна миризба – вели Вера Антевска, жителка на една скопска населба.

Ефектите од продолжениот полициски час не се гледаат ниту во забраната за групирање повеќе од две лица, за да се избегне ширење на заразата. Оние што живеат во станови почнаа да се собираат во заедничките простории на зградите, да се рекреираат по скалите на објектите, разминувајќи се на блиско растојание, а некои од скопјани ги користат терасите на покривите на зградите да уживаат во пролетното априлско сонце, без да водат сметка дека се случува во еден момент на мал простор да се и по 20 луѓе. Дури имаше примери и на покривите на зградите да се собираат повеќе станари, што не само што носи здравствен ризик туку претставува и безбедносен ризик.

На социјалните мрежи можеа да се забележат и снимки од седенки и веселби на скалите од зградите на кои присуствуваат поголеми групи луѓе. Ваквото неодговорно однесување исто така не придонесува за мерките за сузбивање на заразата.
Во поповолна позиција се оние што живеат во куќи, бидејќи ги користат дворовите за да „ескивираат“ од карантинот и да се дружат со соседите. Еден таков пример викендов беше забележан во Лисиче, каде што во дворот на куќа имаше жива музика, а веселата атмосфера беше проследена со дружба, иако полицискиот час требаше токму да спречи мешање меѓу луѓето за да не се шири вирусот.
Но викендов не им беше на сите до музика, па, така, за време на полицискиот час се случи и масовна тепачка меѓу поголема група граѓани во Кучевиште, а не изостанаа и постојаните кражби.

За време на продолжениот полициски час, избувна пожар на Скопска Црна Гора, а граѓаните што викендите ги минуваат во викендичките се жалат дека постојано се слушаат моторни пили длабоко во шумата.
– Не ми е јасно како за време на продолжен полициски час викендов се слушаа моторни пили на планината. Сигурен сум дека за дрвокрадците не постои полициски час – вели жител на скопски Орман.
Ниту улиците не се целосно пусти, па низ сообраќајниците може да се забележат цивилни автомобили, кои не се брендирани, така што се наметнува прашањето дали сите имаат дозволи за движење во време на полициски час.

Се разбира дека полицијата не може да стигне насекаде, ниту, пак, да го контролираа или спречи секое девијантно однесување, туку во вакви околности најважно е да се разбудат и да проработат колективната свест и одговорност.
Само со целосно почитување на препораките и мерките на здравствените власти ќе може полесно да се надмине заканата што го демне целиот свет. Избегнувањето и заобиколувањето на мерките само ќе придонесат за подолг пат до враќањето на животот во нормала, она што никој не го посакува.


Маалски концерти со публика од балконите

Скопските власти најавија дека градот ќе започне да организира маалски концерти, кои ќе има можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.
Според предвиденото со програмата „Култура во време на корона“, некои од проектите поддржани со јавниот повик за 2020-та ќе бидат авансно исплаќани, соодветно на потребите, за уметниците од независната културна сцена да добијат помош за надминување на „првиот финансиски удар“.

– Скопје како кандидат за европски град на културата во 2028-та мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции… Ги уверуваме уметниците и културните работници дека нема да бидат заборавени, а нашите сограѓани, иако под изменети околности, и оваа година нема да имаат недостиг од културни содржини – порача градоначалникот Петре Шилегов.


Нови 68 заразени, а 121 лице приведени

Во изминатите 24 часа се регистрирани 68 нови случаи на ковид-19 во земјава, од кои во Скопје – 15, Куманово – 18, Прилеп – 14, Тетово – два, Струга – десет, Велес – шест, додека во Битола, Гостивар и во Кочани има по еден нов дијагностициран. Бројот од 68 новозаболени за еден ден е втор највисок од почетокот на епидемијата, по оној од минатата недела (5 април), кога беа регистрирани 72 случаи. Најголем дел од заболените, 312, се од Скопје. Втор град по број на случаи со ковид-19 е Куманово, со точно 200 случаи. Трет е Прилеп, каде што има 72 лица со коронавирусот.

Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 828 лица. Инаку, во изминатото деноноќие се направени 404 теста, а досега во земјата се направени вкупно 8.057 тестирања за утврдување на присуството на вирусот ковид-19. Дополнително, во текот на изминатото деноноќие, сабота спроти недела, на ниво на целата држава 138 лица не ја почитувале забраната за движење, при што се приведени 121 лице, а за преостанатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки, соопштуваат од МВР.