Негувателка во детска градинка во Битола е меѓу новозаболените од коронавирус, поради што, пет деца кои се згрижени во објектот, заедно со пет вработени ќе бидат во домашна изолација наредните 14 дена поради контакт со неа. Вработените работеле како воспитувачки и негувателки. Ова е прв случај на заразен вработен во градинка, по само два дена откако Владата по препорака на Комисијата за заразни болести донесе одлука тие да почнат со работа. Засега нема информација како негувателката се заразила со коронавирус.

Според протоколите кои беа донесени, сите вработени додека се на работно место мора да носат заштитни маски, а на децата мора да им се мери температура уште на влезот од градинката, додека за време на престојот децата треба да се организира на начин на кој ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи, сместени во одделни простории согласно мoжностите, а игрите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено кога времето го дозволува тоа и во помали групи.

Доколку родителот забележи појава на симптоми кај детето од каква било природа не треба да го носи детето во градинка и треба да го контактира матичниот педијатар. Родителот при првото и при секое повторно, после болест, вклучување на детето во градинка треба да донесе лекарска потврда од матичниот лекар.

Инаку, освен негувателката, во Битола денеска се регистрирани и други шест нови случаи на заразни со коронавирус.