На универзитетите им се потребни унифицирани правила

Ова е време кога е потребно да ги стандардизираме процедурите за работа, односно на универзитетите да има унифицирани правила, слична техничка поддршка, како и протоколи како да се постапува во случај на вонредни околности. Потребни се правилници за работа и добра подготовка на професорите за користење софтверска поддршка. Не треба да има импровизации. Информатичките факултети може многу да направат за своите универзитети

ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ШТО ГИ ОТВОРИ КОРОНА-КРИЗАТА

Кризата со пандемијата на коронавирусот покажа дека многу од секторите во државата се ранливи и лесно може да доживеат целосен крах доколку системот не е подготвен за работа во услови што многу се разликуваат од нормалните. Како и на сите нивоа на образование, предизвиците во високото образование се исто така големи. Како се одвива образовниот процес на факултетите? Што е она што треба да се менува? За овие прашања поразговаравме со проф. д-р Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование и наука и добар познавач на состојбите во образованието.
– Практичните вежби, таму каде што се учат вештини, групните семинарски работи, клиничката настава и лабораториските практики на повеќето факултети не беше можно да се реализираат. Најголем проблем во овој момент се испитите на факултетите каде што има многу студенти.

Мислам дека ова е време кога е потребно да ги стандардизираме овие процедури за работа и на секој универзитет да има унифицирани правила, слична техничка поддршка и протоколи како да се постапува во случај на вонредни околности. Потребни се правилници за работа и добра подготовка на професорите за користење софтверска поддршка. Не треба да има големи импровизации. Информатичките факултети може многу да направат за своите универзитети. Решенија постојат – смета Атанасов.
Според него, најбитното прашање е квалитетот на високото образование, а во изминатите 20 години целиот образовен модел како да беше програмиран за масовно производство на квантитативни резултати – повеќе студенти, побрзо студирање, поевтин производ, тестови со заокружување, површно знаење, дипломи што се нереални или „купени“.

– Особено е слаб квалитетот во одредени научни области, но тоа зависи и од ресурсите што ги овозможува или дава државата. Квалитетот на образованието е сложен механизам, кој во два-три циклуса на додипломски студии може да покаже дали факултетот или институтот стагнира или напредува. Тука се и професионалните асоцијации или алумни што следат каде студентите се вработуваат и дали напредуваат. Тоа е важно за секој студент кога ја планира својата професионална кариера. Мислам дека е време да поработиме на квалитетот, а не само на квантитетот. А квалитетот во високото образование зависи од законската регулатива (која во овој момент постои), од внатрешната организација и интегрираност на универзитетот (која е различна на различни универзитети), од мотивацијата на професорите (која е на ниско ниво затоа што не се почитува нивната работа), како и од ангажираноста на студентите кои се чувствуваат како „гости“ на академијата, а не учесници во управувањето и позитивните промени – смета професорот.

Има многу нешта да се прават ако се знае, вели тој, ако има лидерство и ако има подготвени тимови за работа.
– Сам не може никој ништо. Треба најпрво да имаме индикатори како ни оди работата. Нема идеален систем, тој може да станува само подобар ако се менува – додава тој.
Веќе два месеци наставата на универзитетите во земјата се одржуваат онлајн. Најголем предизвик пред кој се исправени универзитетските власти се организирањето и полагањето испити, кои мора да обезбедат објективна оценка.

Во согласност со одлуките на факултетските раководства, студентите ќе бидат оценети кога ќе се создадат услови за тоа. Периодов, професорите им го предаваат материјалот предвиден со распоредот. Предизвиците се поголеми на факултетите на кои практичните вежби се клучни за формирањето оценка, а поради вонредната состојба нема можност да се работи во лабораторија.
Во време кога образовните системи трагаат по решенија во однос на тоа како да се заврши академската година, наши универзитетски професори предложија да се формира стручно координативно тело што врз основа на информациите од експертите во здравството и Владата ќе сугерира стручни одлуки за сите нивоа на воспитно-образовниот систем.