Во момент кога најголемиот број граѓани поради пандемијата од коронавирусот се загрижени за своето здравје и здравјето на своте најблиски, и инсистираат да се заострат мерките за заштита, вработените кои професионално се занимaваат со одржување и организiрање на свадбени веселби, денеска на Широк сокак одржаа мирен протест.

На протестот, на кој излегоа угостители, музичари, фотографи, цвеќари, лица кои пружаат кетеринг услуги, слаткари, златари… свадбарските работници побараа од државата да ја укине забраната за организирање на семејни веселби и свадби и да донесе протоколи за нивно одржување.

Тие се пожалија дека четири месеци немаат земено ни денар и дека доколку не се укинат одредбите од донесените уредби ќе мораат да ги затворат бизнисите.

Учесниците на протестот поставија прашање зошто концертите да бидат ослободени, додека музичарите кои егзистираат од оваа работа и мометано се на работ на егзистенцијата, една година наназад чекаат за овие свадби и веселби, а сега не може да се најде начин да им се излезе во пресрет.

– Има музичари кои работат дополнително други работи, но има такви кои егзистираат само од свадби и веселби – рече Заит Алиу, иницијатор на неформалната група „Свадбарски работници“.

Тие испратија писмо со барања до Владата, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство за укинување на уредбите.

– Мислиме дека свадбите не се голем ризик за вирусот, бидејќи луѓето кои не ја почитуваат дистанцата се најчесто од иста фамилија, живеат во ист дом, работат на исто работно место, исто друштво, кои не само на свадбата туку и во секојдневниот живот се заедно и се дружат – беше речено на протестот. М.М.