Фото: Игор Бансколиев

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.036 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 122 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 89 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 49 пациенти, во Велес се лекуваат 102 болни, а во Куманово 90 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 109 пациенти, во Прилеп 144, во ковид центарот во Гостивар 44, а во Струга 20 болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 33 во Кичево 31, Кавадарци 78, а во Гевгелија 26 лица позитивни и суспектни на коронавирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, велат од министерството за здравство.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.739 и има околу 220 празни болнички кревети во ковид-центрите.

Според министерството во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Од таму додаваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 65 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 703 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, известува министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 30 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 примени пациенти и 4 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле бил примен еден нов пациент, а 8 пациенти биле примени на Клиниката за Детски болести. На Институтот за физикална медицина се примени 10 пациенти.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 43 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 313 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 139 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 154 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 8 деца позитивни на Ковид-19 вирусот, а на ГАК има 9 позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 35 болни.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, велат од ресорното министерство.

Додаваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.