Во Градската општа болница „8 Септември“ од денес е однесен апарат за озонска терапија на најтешко болните заразени со коронавирус, извести министерот за здравство Венко Филипче. Домашните анестезиолози направиле детални анализи на искуствата од другите земји каде веќе пациентите се лекуваат на ваков начин.

– Озонирање на крвта е една метода која се користи за третманот на овие пациенти, пред се за најтешките случаи. Има публикации и искуства од други земји и врз основа на тие искуства тимот на анестезиолози од болницата „8 Септември“ направи една детална анализа на навистина обемна литература. Заклучија дека вреди да се направи еден обид оваа терапевтска мерка да се аплицира кај овие пациенти. Деновиве почнува и оваа апликација, практично станува збор за метода со која се озонира едена одредена количина на крвта која се вади од пациентот и потоа таа истата се враќа во неговата циркулација – рече министерот Филипче.

За утре на Институтот за трансфузиона медицина е закажана и првата екстракција на плазма која исто така ќе се користи за третман на пациенти заболени од Ковид – 19. Оваа метода превидува со крвта од веќе излекувани пациенти да се лекуваат најтешко болните. Министерот нагласи дека овој начин на лекување со крвна плазма, може да се примени само кај пациенти кај кои има индикации за такво лекување.