Фото: Игор Бансколиев

Статистика на Институтот за јавно здравје

Во последните недели, откако делта-сојот станува доминантен во земјава, регистрирани се и смртни случаи кај млади лица, кај кои претходно не биле евидентирани какви било болести. Статистиката на Институтот на јавно здравје покажува дека најмногу од смртните случаи се на лица над 60-годишна возраст

На што се должи високата смртност од ковид-19, кои се најризичните групи, кои болести се најмногу погодени од инфекцијата на коронавирусот? Анализите на Институтот за јавно здравје направени на над 5.600 смртни случаи досега покажуваат дека дури 94 отсто од починатите биле во болнички услови, односно хоспитализирани. Според тоа, 4.193 лица што починале како последица од компликации од ковид-19 имале коморбидитети. Најмногу од нив се со кардиоваскуларни болести, дијабетес и белодробни болести.

Тоа, практично, се трите најчести заболувања што ги имаат луѓето што најтешко поминуваат ако се инфицираат од вирусот.

Сепак, иако статистиката го покажува тоа, во последните недели, откако делта-сојот станува доминантен во земјава, регистрирани се и смртни случаи кај млади лица, кај кои претходно не биле евидентирани какви било болести.

Статистиката на Институтот на јавно здравје покажува дека најмногу од смртните случаи се на лица над 60-годишна возраст.
– До 22 септември се регистрирани 5.695 смртни случаи. Во однос на датум на смрт, најголем број смртни случаи се регистрирани на 8.4.2021 година (49). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години, каде што е регистриран и највисок специфичен морталитет. Регистрирани се 3.492 смртни случаи кај лица од машки и 2.203 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 4.193 (73,6 отсто од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (3.349), дијабетес (1.426) и белодробна болест (624). Од пријавените случаи на реинфекција, четири случаи завршиле со смртен исход. Регистрирани се шест смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 345 (6,1 отсто) починале во вонболнички услови, а 5.350 (93,9 отсто) починале во болнички услови – пишува во извештајот на ИЈЗ.

Во тетовската болница речиси нема ден во кој не е регистриран смртен случај. Пред два дена, во ковид-центарот во тетовската болница петмина хоспитализирани пациенти ја изгубиле битката со ковид-19.

Според д-р Гзим Нуредини, координатор во тетовскиот ковид-центар, најмладиот од нив е на 69-годишна возраст.
– Засега вкупно имаме 121 хоспитализиран пациент. Од задржаните, вакцинирани со една доза се шест лица, а со две вакцини пет луѓе – информира д-р Нуредини.

Тој вели дека податоците на ИЈЗ се во насока и на нивните податоци.
– Сите пациенти што се хоспитализирани или починале имаат коморбидитети. Се работи за група пациенти што имаат друга придружна болест, како белодробни болести, невролошки, срцеви болести. Всушност, понекогаш имаат и две и повеќе болести, како дијабетес или хипертензии. Тие се најранлива група на граѓани и жртви на ковид-19 – заклучува доктор Нуредини.

Болниците во Тетово, во Гостивар, во Струга и во Кичево сѐ уште се преполни со пациенти со ковид-19.

Премиерот Зоран Заев вчера посочи дека засега не се разговара за специјални карантини или за посебни ограничувања поради актуелната епидемиолошка состојба во земјава.

Во однос на зголемениот број ковид-случаи, особено во Тетово и во Гостивар, според него, главно се работи за граѓани со хронични болести.
– Но тоа што се случува кај нас, се случува и во регионот и во светот, и според бројките и според смртноста. Ако повеќе се внимава и ако бидеме поодговорни, ситуацијата ќе биде подобра. Не би сакал да зборувам подетално од тоа што го кажуваат министерот за здравство и комисијата, но јас како претседател на Владата, кој има обврска да ги следи параметрите, би рекол дека е добро што последните денови бројките се стабилизираат во Тетово и во Гостивар. Тоа значи дека силата на вирусот се намалува, мерките веројатно даваат резултат, а и граѓаните повеќе внимаваат – нагласи Заев.

Од почетокот на пандемијата има 5.755 смртни случаи што настанале како последица на ковид-19.

[email protected]