Карикатура: „Нова Македонија“

Вонредната состојба во основа, всушност, е „брз курс“ за усвојување на моделот на владеењето на правото. Нашата (не)дисциплина, свест и совест за корона-проблемот (како метафора за сите проблеми што ги загрозуваат граѓаните и правната држава) се показател за нашата зрелост да создадеме своја функционална држава

Лекции за социјално прифатливо однесување, колективна дисциплина и почитување на правилата и нормите на државата

Фактот дека Македонија веќе два месеца, низ различни фази, живее со предизвиците што ги постави коронавирусот, како на здравствен така и на општествен, политички и на економски план, се чини дека полека обликува нов ракурс на поимање, толкување и постапување за работи од секојдневниот живот. Очигледно, коронавирусот влијаеше на нашите размислувања, свест и постапки. Се разбира, со надеж за подобро. Иако, рака на срце, сѐ уште постојат граѓани што не ги почитуваат пропишаните правила и норми на однесување, повеќето граѓани сфатија дека нашиот колективен просперитет (здравствен, економски, социјален, па и од правен аспект) зависи од тоа колку нацијата како збир на индивидуи ќе се придржува кон експресно утврдениот нов ред и кон почитувањето на плановите и правилата донесени од надлежните институции.

Затоа што вонредната состојба и правилата што ги носи таа, всушност, во основа се „брз курс“ за усвојување на моделот на владеењето на правото. Нашата (не)дисциплина, свест и совест за корона-проблемот (како метафора за сите проблеми кои ги загрозуваат граѓаните и правната држава) се показател за нашата зрелост да имаме своја функционална држава.

Најпрвин обврска и одговорност кон
себе, а следствено и за колективот

Двомесечното живеење со заканата од коронавирусот го наметнува прашањето дали научивме нешто од тоа искуство, односно дали научивме да се однесуваме одговорно за сопствена заштита, но и за заштита од здравствената опасност на целото општество.
– Во однесувањето на луѓето и прифаќањето на мерките за заштита од пандемијата, во текот на овие два месеца, големо влијание има и нашата автентична општествено-политичка состојба од пред заканата на коронавирусот. Сомневањата и недовербата од порано на политичките потези на власта, имаа значителна улога во доживувањето и толкувањето на мерките на Владата за справување со пандемијата како мерки со политичка заднина, во смисла скратување на граѓанските слободи, ограничување на правото на движење, па и сомнежи за некакво политичко калкулантство.

На тоа се надоврзува дека и по менталитет не сме многу дисциплиниран народ, па и тоа придонесуваше за нереално прифаќање на новата ситуација со опасност по здравјето на населението. Во текот на овие два месеца, сите доживеавме шок во начинот на функционирањето, но сметам дека сѐ повеќе е изразена свеста дека мерките се најмногу за заштита на населението и се прифаќаат мерките за карантин, а и поголемиот дел од населението сепак се заштитува според препораките. Но и понатаму, не може да се избегне фактот дека секој реагира според својот карактер, а кризата ги покажува понагласено таквите индивидуални психолошки карактеристики – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.

Што вели статистиката на МВР за
(не)почитувањето на донесените уредби со законска сила

Зад нас имаме веќе три долгочасовни викенд-карантини, а статистиката на МВР за прекршителите на полицискиот час, односно забраната за движење, говори дека нема голема разлика со некаков тренд на зголемување или особено намалување на ваквите инциденти. Во текот на деноноќието за периодот (26/27.4) по однос на забраната за движење е евидентирано дека на ниво на целата држава 88 лица не ја почитувале забраната за движење, при што се приведени 76 лица, а за преостанатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. Претходното деноноќие од викендот (25/26.4) на ниво на целата држава 71 лице не ја почитувале забраната за движење, при што се приведени 55 лица. Во текот на најдолгиот карантин, во велигденскиот викенд, според статистиката на МВР, помалку од 200 лица не ја почитувале забраната за движење на целата територија на државата.

За разлика од статистиката, секогаш повпечатливи се медиумски експонираните инциденти за непочитување на забраната за движење: како оној во скопски Сингелиќ на 13 април, кога мораше да интервенира и градоначалникот на Општина Гази Баба, како и велигденското оро во Гевгелија… Учесниците во овие инциденти имаат заработено кривични пријави, а по малку бизарен е и случајот со момчето од Кисела Вода, кое за време на велигденските празници било приведено зашто шетало куче порано од определениот термин, а изминатиот викенд повторно ја прекршило забраната за движење, шетајќи сам (без миленикот) во полициски час и бил евидентиран од полицијата…

– Во целиот овој период во кој се соочуваме со предизвиците на корона-кризата, не добивме јасна претстава дали опасноста е реална, предимензионирана или потценета. Навистина, постојано следиме и добиваме информации за развојот на настаните поврзани со коронавирусот, а тие се толку различни, дури во голема мера и контрадикторни. Таквата контрадикторност создава причина за недоверба во мерките за заштита што се преземаат, но и за претерана манифестација на загриженост и претпазливост, секако, сѐ во зависност од индивидуалниот карактер…

Свест во насока на почитување на законските прописи, а не нивно заобиколување

– Дали нешто успеавме да научиме од оваа состојба е тешко да се каже во овој момент. Кај нас е изразен оној социолошки феномен, една психоза се потиснува со наметнување друга. Стравот од коронавирусот наскоро ќе биде заменет со некој нов, можеби произлезен од стариот, а можеби и на некоја друга тема – вели социологот Илија Ацески.
Но во основа, сите соговорници се едногласни дека навистина од целата ситуација треба да се извлече добра поука. Нагласуваат дека не попусто постои и изрека што вели „секое лошо за добро“.

Ако навистина секој од нас, предизвикан и мотивиран од оваа криза направи само мал исчекор за себересетирање во насока на поголема дисциплина, строгост спрема себе, поголема принципиелност, придржување и почитување на социјалните и правните норми, тогаш природно владеењето на правото и правната држава веќе да ги имаме. А за почеток, велат соговорниците, тоа е повеќе од доволно за да исчекориме во поуспешна иднина на нашата земја.