Владата донесе одлука за одржување настани и во затворен простор, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на просторот и најмногу 1.000 посетители. Во владините препораки за организирање настани се наведува дека настаните на отворен простор можат да се организираат до 50 проценти од капацитетот, а со дадените препораки не се опфатени приватните веселби.

Според препораките посетителите мора да носат маски, да се одржува физичка дистанца на публиката со обележани места за седење кои ќе бидат поставени на дистанца од 1,5-2 метри и не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката.

Задолжителното одржување физичка дистанца од два метра се однесува и на сите членови на тимовите задолжени за организација.

Задолжителна е дезинфекција на раце на влез на сите посетители и сите членови на тимовите задолжени за организација за целото времетраење на настанот, како и засилени санитарно-хигиенски мерки, редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење со употреба на средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 проценти натриум хипохлорит (5 проценти белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) за подот или 70 проценти алкохол за дезинфекција за горните површини.

При организирањето на настаните потребно е на јасно видливи места поставување едукативно-информативен материјал за почитување на општите превентивни мерки, носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, редовно/често дезинфицирање на рацете и правилна респираторна хигиена, Задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на горенаведените мерки: на влезот и во просторот каде што се одржува настанот.

Се препорачува електронска продажба на билети, но доколку е потребно да има билетарница потребно е обележување растојание, односно место за чекање од 1,5 до 2 метри и исто растојание меѓу вработениот и посетителот или заштитна бариера.

Врз основа на горенаведените општи препораки секој организатор на настан потребно е да изготви протокол за реализација на планираниот настан кој ќе го објави јавно со цел навремено информирање на посетителите и учесниците во настанот за правилно следење на протоколот.