Над 200 лица со автобуси и приватни возила денес треба да се вратат во Македонија. Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, вели дека биле заглавени по различни основи на различни гранични премини.

– Имаме најава за влез во државата на над 200 лица со автобуси и приватни возила кои биле заглавени по различни основи на различни гранични премини. Граничните полицајци се во постојан контакт со Министерството за надворешни работи и со Министерството за здравство при што во текот на денот се очекува нивно пристигнување. Доколку се утврди нестандардна состојба со истите ќе се постапи согласно препораките на Министерството за здравство – рече министерот Чулев.

Тој извести дека МВР на 14 март асистирало при извлекување на наши граѓани заглавени на меѓуграничен простор на српско-унгарската и хрватско унгарската граница. Во координација со дипломатските претставништва во државаа асистирале и во спровод на странски државјани до границите на сопствената држава.

– На 15 март спроведени се 36 луѓе до границата со Косово, а на 16 март споведени се два конвои со вкупно 55 луѓе до границите со Албанија и Косово од каде се прифатени од нивните служби – рече министерот Чулев.