Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените од коронавирус, смета Мрежата за заштита од дискриминација.

– Личните податоци на пациентите заболени од корона и нивните контакти треба да ги знаат здравствените работници кои ќе преземаат соодветни мерки и ќе го следат нивното почитување. Не постои јавен интерес во објавување на имињата на заболените, бидејќи таа информација не му користи на обичниот граѓанин, напротив, само предизвикува гнев, осуди и ризик од насилство и прекршување на други права – се наведува во соопштението.

Мрежата за заштита од дискриминација апелира и бара од Владата и надлежните институции да преземат мерки за спречување на вознемирувањето и прекршувањето на човековите права на луѓето позитивни на ковид-19 и на луѓето кај кои постои сомневање дека се позитивни на вирусот.

– Во изминатиот период се појавија голем број написи на медиумите, главно на интернет-порталите, каде се објавија слики, имиња и листи на граѓани кои се позитивни на ковид-19 или кај кои постои сомневање дека се позитивни. Овие медиумски содржини се проблематични и штетни од многу аспекти. Прво, покрај здравствено-економската криза, Законот за заштита на правата на пациентите го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба, помеѓу кои и статусот ковид-19, на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот и во професионалното следење на епидемијата. Медиумите, вклучително и интернет-порталите, имаат обврска да го почитуваат Законот за заштитата на личните податоци, а Агенцијата за заштита на личните податоци треба соодветно да постапува и да ги санкционира – велат од таму.

Со објавувањето на личните податоци на луѓето заболени од ковид-19, додаваат од Мрежата, или, пак, податоците на оние кај кои постои сомневање, се ризикуваат нивната безбедност и благосостојба.

– На овој начин, самите пациенти се изложуваат на јавен линч, се прогласуваат за опасни по јавното здравје, вината за инфицирањето се бара во нив, а тие се обележуваат како неодговорни, несовесни и опасни граѓани. Со обвинувањето на пациентите и јавното линчување на поединци се креира стигма околу коронавирусот, а самите пациенти се изложуваат на вознемирување како форма на дискриминација, токму поради нивниот здравствен статус – велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Од таму велат дека дека со ова се прекршува и Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранува дискриминација поради здравствен статус.

Од Мрежата сметаат дека воведувањето мерки како јавно објавување на имињата на носителите на вирусот е контрапродуктивно на напорите за надминување на кризата.

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Владата и од Агенцијата за заштита на личните податоци активно да ги следат и по службена должност да ги санкционираат медиумите коишто објавуваат лични податоци на пациенти коишто се позитивни на корона или за кои постои сомневање.

– Апелираме и до здравствените работници да не издаваат лични податоци за пациентите и информацијата за нечиј ковид-19-статус да ја третираат доверливо согласно здравствените прописи – се наведува во соопштението.