Министерството за образование и наука информира дека заклучно со денес 12 часот има вкупно 42 активни случаи на ковид-19 кај учениците и 65 кај наставници. Од нив 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.

Од активните случаи во средно образование, ниту еден од учениците и наставниците не учестувале во настава со физичко присуство и согласно тоа немале контакт со остатокот од учениците или наставниот кадар. Во однос на основните училишта од активните случаи 7 од учениците и 5 од наставниците имале настава со физичко присуство во училиштата.

МОН известува дека во сите случаи почитувани се препораките од Центрите за јавно здравје и е постапувано согласно алгоритмите. Учениците кои следеа настава со физичко присуство, а сега се во изолација поради Ковид-19, учењето го продолжуваат од далечина, со што се обележува континуитет во образовниот процес.

Од министерството велат дека од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата. Затоа, МОН апелира до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста. Протоколите за заштита од заразата докажано функционираат, ако сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита.

Исто така, благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. Околу 87 отсто од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкоти. За останатиот дел кои немаат уреди, или интернет конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал. Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата.