Фото: Зоран Антоски

Волонтерите на општинската организација на Црвениот крст од Кичево, во текот на април и мај, кога во земјава се води беспоштедна борба за намалување на последиците од коронавирусот, имаа низа активности. Тие за да им излезат во пресрет на старите лица и лицата со хендикеп од градот, и по нивно барање да им обезбедат прехранбени намирници, средства за хигиена и лекови, што им се неопходни во наредните денови, ги посетуваа нивните домови и им ги врачуваа нарачаните намирници и лекови.

– Десет волонтери и тројца вработени од ОО на Црвениот крст од Кичево, во месеците април и мај целосно беа фокусирани во хуманитарната акција за да им помогнат на старите лица и лица со попреченост и, по нивно барање да ги снабдат со неопходните намирници, средства за хигиена и лекови, кои им се прекупотребни во овој период, кога не е препорачливо да ги напуштат своите домови поради можна зараза. Така во месеците април и мај од примените повици се интервенира кај 170 граѓани од ранливите категории. Повиците се примаа во периодот од 8 до 12.30 часот, по што се посетуваа домовите на овие лица и им се доставуваа намирници и лекови кои им беа неопходни. На овој начин спречено е старите и болни лица да бидат изложени на можни зарази од коронавирус. Акцијата ќе продолжи се додека трае пандемијата со ковид-19 – информира Бесник Селими, секретар на Црвениот крст Кичево.

Дел од овие лица кои побараа помош живеат и сами и единствена можност да ги обезбедат неопходните намирници е преку ангажманот на волонтерите кои се вклучени во оваа акција. З.А.