Цената на американската нафта утрово падна на близу 20 долари за барел веднаш по отворањето на пазарот, што е близу до најниското ниво во последните 20 години.

Американската референтна вредност, позната како Вест Тексас Интермедиејт или кратенката ВТИ, достигна вредност од 20,60 долари за барел и падна за повеќе од шест проценти, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Брент, меѓународна референтна вредност, падна за шест проценти, достигнувајќи вредност од 23,03 долари за барел, што е најниска цена од 2002 година.

Во Азија цената на нафтата е намалена за 5,8 проценти на 23,50 долари.

Цените на нафтата паднаа за повеќе од половина во изминатиот месец со затворање на пазарите во Европа и Северна Америка, што ја намали побарувачката за нафта.

Аналитичарите предвидуваат дека може да се изгуби четвртина од нормалното глобално трошење поради пандемијата со коронавирус.