Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Јадранка Поцкова, која по професија е специјалист невролог, е позитивна на ковид-19, пренесоа повеќе медиуми, повикувајќи се на информации од најголемата опозициска партија. Вкупно тројца пратеници се заразени со коронавирус, соопшти координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски. Поцкова е во изолација уште пред да се дознае дека пратениците на СДСМ и на ДУИ, Лазе Таневски и Исмаил Јахоски се позитивни на ковид-19.

Митревски додаде дека координаторите на пратеничките групи од мнозинството предложиле пратениците кои имаат решение за изолација да гласаат електронски и да се водат како присутни на седницата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски смета дека власта ќе се соочи со сериозна политичка криза ако се обиде да истурка одлука за одржување на онлајн-седници.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Изет Меџити ги повика опозициските пратеници да покажат солидарност, да ги имаат предвид компаративните искуства од функционирањето на парламентите низ Европа, како и тоа дека Владата веќе работи онлајн.