Согласно последните насоки на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација ќе издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење.
Дозволите се издаваат за вработените во органите на државната власт (извршна и судска) кои имаат потреба од дежурства, а не можат да ги прилагодат според периодот на забраната за движење, како и за вработените во здраствените организации (вклучително и приватните) и општинските кризни штабови.

Органите на државната власт (извршна и судска) кои имаат потреба од дежурства и општинските кризни штабови треба да достават неделни распореди за вработените за кои се потребни дозволите за движење, како и табела со следните податоци за вработените: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата.

Општинските кризни штабови доставуваат податоци преку Заедницата на единици на локални самоуправи (ЗЕЛС) до Министерството за информатичко општество и администрација на адресата на е-пошта: [email protected].

Податоците потребно е да ги достават секој ден-недела најдоцна до 12:00 часот, за наредната работна седмица. Пријавата се доставува до МИОА на адресата на е-пошта: [email protected] .

За вработените во здраствените организации (вклучително и приватните), здравствените организации треба да се достават податоци за сите вработени лица: име и презиме,ЕМБГ, мобилен телефон и адреса на е-пошта. Пријавата се доставува до МИОА на адресата на е-пошта: [email protected].

Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење и за медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, камермани и останат технички персонал), пекарите/бурекчилниците и погребалните претпријатија.

За медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, камермани и останат технички персонал) се потребни следните информации: – име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата. Оваа информација е потребна за секоја работна недела поединечно.

Образецот на табелата е во прилог на ова известување и е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на следната адреса на е-пошта: [email protected] најдоцна до денес (23.03.2020 година) до 17:00 часот за тековната работна недела (заклучно со 29.03.2020 година).

За останатите работни седмици потребно е информациите да се достават секој ден недела најдоцна до 12 часот, за наредната работна седмица.

За медиумските работници и другите вработени во медиуми кои извршуваат работни задачи во просториите на самиот медиум во период на ноќна работа (периодот меѓу 21:00 часот и 6:00 часот наредниот ден), работодавачот е потребно да го извести Државниот инспекторат за труд и на овие вработени им издава потврда во рамки на самата организација.

Дозволите ќе се издаваат на сите медиуми кои се регистрирани во регистарот на ААВМУ (Регистар на печатени медиуми /Регистар на телевизии / Регистар на радија), како и сите онлајн медиуми од Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинари на Македонија (Регистар на професионални онлајн медиуми).

За пекарите/бурекчилниците се потребни следните информации:
– тековна состојба за правното лице, не постара од 6 месеци,
– фотографија од објектот во кој се врши дејноста,
– име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата.

Образецот на табелата во прилог на ова известување, заедно со скенирана тековна состојба и фотографија од објектот е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на адреса на е-пошта: [email protected] .

За погребалните правни лица се потребни следните информации:
– име и презиме, матичен број, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата. Оваа информација е потребна за секоја работна седмица поединечно.

Образецот на табелата е во прилог на ова известување и е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на адреса на е-пошта: [email protected] најдоцна до денес (23.03.2020 година) до 17:00 часот за тековната работна недела (заклучно со 29.03.2020 година).За останатите работни седмици потребно е да ги достават секој ден недела најдоцна до 12 часот, за наредната работната седмица.

Сите погореспоменати правни лица потребно е веднаш да го известат Министерството за информатичко општество и администрација во случај на промени на неделните распореди на адресата на е-пошта: [email protected]