Фото: Маја Јаневска-Илиева

На територијата на целата држава во моментов се хоспитализирани 16 пациенти со ковид-19, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат и дека тековната епидемиолошка состојба во земјата е стабилна, болниците се празни, а само 4 пациенти се на кислородна поддршка.

– Здравствениот систем е подготвен во случај на влошување на ситуацијата, но искрено се надеваме и посакуваме до тоа да не дојде. Единствен начин на превенција да не се соочиме со нов силен бран и ширење на опасниот делта сој е што помасовна имунизација – нагласуваат од ресорното министерство.

Исто така, здравствените власти истакнуваат дека кај нас досега се детектирани десетина случаи со делта сој и ниту еден од нив не бил вакциниран.

– Не само кај нас, последните анализи и во светски рамки покажуваат дека новиот делта сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население. Во Европа, од почетокот на месецот, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза, додека во Обединетото Кралство, скоро две третини од луѓето заразени со делта сојот на ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани – се наведува во соопштението во кое се додава дека и Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица, по трендот на опаѓање на заразени од крајот на април.

Нашето министерство ги пренесува зборовите на Фернандо Симон, директор на Координативниот центар за здравствени предупредувања во шпанското Министерството за здравство, кој посочил дека „стапката на инциденца кај невакцинираните е до 20 пати поголема од онаа на вакцинираните“.

Здравствените власти во земјава укажуваат и на наодите на СЗО дека сите вакцини се докажано ефикасни против постоечките соеви и мутации на вирусот.

– Иако дел од студиите покажуваат дека нивната ефикасност се намалува против делта сојот, таа е се уште доволно висока да превенира развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт. Откако се утврди дека вирусот се пренесува помеѓу невакцинираното население, повеќе земји ги зајакнаа рестриктивните мерки кои главно се однесуваат на неимунизираните лица – се наведува во извештајот на министерството.

Во него се посочува и дека секој поединец носи одговорност во борбата против пандемијата, со највисока граѓанска обврска за вакцинација.

– Должноста да се чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите е и уставно регулирана, со цел да се обезбеди максимална заштита на личното и колективното здравје, со што овие мерки не може да се подведат под сомнение дека се основ за дискриминација или во спротивност на основните човекови слободи и права, туку напротив, се во насока на поттикнување на личниот придонес од страна на секој поединец, со што ќе се осигураат јавното здравје и колективната благосостојба – велат од Министерството за здравство.