Министерството за здравство ќе ги објави цените на кинеските вакцини и деловите од договорите за набавката за кои ќе добие дозвола за објавување. Во тек е постапка за декласификација на податоците од документите.

– Во соодветна процедура ќе се декласифицираат податоците за да се објави сето тоа – рече денес министерот за здравство Венко Филипче.

Тој смета дека обвинувањата од опозицијата во последниве неколку недели за набавката на кинеските вакцини има цел да го поткопа легитимитетот на нашата држава не само пред Кина туку и пред меѓународната заедница.

– Мој впечаток од обвинувањата од последниве недели се две работи. Прво, опозицијата сама се фати во лага и второ, патолошки е зависна од лажни вести. Прво обвини за 12 милиони уплата, јавно кажав на прес-конференција дека имаше уплата, па средствата се вратија, документите се јавни. Ниту е нешто скришно, ниту сомнително. Ваквите клевети не носат ништо конструктивно, сакаат да го поткопаат нашиот легитимитет и пред Кина и пред меѓународните фактори – рече министерот Филипче.

Опозицијата обвини дека министерот Филипче префрлил над 7 милиони долари на фантом-фирма за кои се сомнева дека биле планирани за провизии за набавка на кинеските вакцини и да плати двојно поскапа цена за вакцините од реалната.