Три сценарија кои би можеле да се очекуваат како последица од борбата против коронавирусот презентираше министерката за финансии Нина Ангеловска, на денешната прес-конференција.

– Буџетот претставува план за наплата на приходите и за трошење на расходите. Реализацијата на буџетот почна добро годинава. Економската активност бележеше раст и првите два месеци имавме одлична реализација. Буџетот е проекција за тоа како ќе се полни и како ќе се празни државната каса, односно како ќе се реализираат расходите – кажа Ангеловска.

Таа ги презентираше трите сценарија кои биле изготвени во министерството.

– Во Министерството за финансии беа изготвени неколку сценарија за справување со кризата. Имаме три основни сценарија кои ги нарекуваме поволно, неповолно и најнеповолно сценарио. Кај сите сценарија најголем пад на даноците се очекува во вториот квартал, и тоа од 40 до околу 65 отсто во споредба со претходната година – истакна министерката.

Таа ги сподели проекциите за трите сценарија.

– Првото поповолно сценарио, предвидува вкупен пад од околу 20 отсто на вкупните приходи на буџетот во однос на планот. Или намалување на приходите за околу 700 милиони евра, за колку што би се зголемил дефицитот кој беше проектиран на 300 милиони евра и дополнително за овие 700 милиони евра. Во второто сценарио ако падот изнесува 30 отсто и потребите би се зголемиле за една милијарда евра. Кај третото, најнеповолно сценарио, доколку приходите паднат за 40 отсто дополнителните потреби би биле за 1,3 милијарди евра – порача Ангеловска.