Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство ја објавува анализата на позитивните случаи со ковид-19, во периодот од 6 август заклучно со 9 септември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во период од 6 август до 9 септември на територијата на Македонија 26.053 граѓани од тестираните биле позитивни на ковид 19. Од нив 19 отсто биле целосно вакцинирани, односно 5.175 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистика за изминативе пет недели, 20.878 граѓани, односно дури 80 отсто од позитивните на ковид 19-не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 84 отсто, додека само 16 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од пет седмици на територија на државата починале 678 лица со ковид-19, со што 591 пациент (87 отсто) од починатите не биле вакцинирани, а само 87 (12 отсто) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и со вакцините „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.

Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, бидејќи секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на коронавирус.