Министерството за здравство информира дека за време на четвртиот бран на коронавирусот, во периодот од јули до крајот на август, епидемиолошките анализи покажуваат дека најголема смртност кај пациенти со ковид-19 имало во градовите каде имало најнизок процент на вакцинирано население.

Според тоа, во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61 отсто, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19 отсто вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, односно 106 до крај на август. Последните недели драстично е зголемен интересот за вакцинација во Тетово и изнесува речиси 37 отсто. Слична е состојбата и во Гостивар, каде исто така имаше мал опфат на вакцинирано население, во овој град опфатот на вакцинирани полнолетни граѓани до крајот на август е под 30 отсто, а бројот на починати со ковид-19 е 73.

– Време е да ги отфрлиме сите заблуди во врска со вакцините и да се придвижиме кон фактите и кон реалните докази кои всушност ни покажуваат колку тие се значајни и ефикасни. Целта е да го победиме вирусот, а тоа ќе го направиме само со масовна имунизација на целокупното население. Само на овој начин можеме да живееме повторно слободно, без ограничувања и без рестрикции – велат од министерството.