Министерството за здравство информира дека сите државни лаборатории располагаат со доволен број на тестови за ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање за Сарс КоВ-2, ковид-19.

– Во вчерашната статистика, од вкупно направени 3294 тестирања, во државните лаборатории беа направени скоро 1800 теста, од кои само 1310 во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, каде деновиве речиси двојно е зголемен капацитетот – додаваат од министерството.

Оттаму потсетуваат дека на почетокот на минатата недела во Институтот за јавно здравје функционира уште едно приемно одделение со лаборант и администратор. Со ова значително се забрза процедурата за земање брисеви за ковид-19 и се зголеми бројот на тестирања на дневна основа во оваа установа, но и во ЦЈЗ Скопје.

Есенскиот бран ги полни лабораториите, но и болничките капацитети. Министерството за здравство апелира на одговорност од страна на граѓаните и почитување на мерките за заштита.