Издигнувањето на медиумската писменост на повисоко ниво е комплициран и долг процес / Фото: Игор Бансколиев

За да се подобрат работите во земјава е потребно политичките актери да ја разберат важноста на прашањето за издигнување на медиумската и информациска писменост, велат упатените и најавуваат поагресивна кампања во таа насока веднаш по излегувањето на нашата држава од вонредната состојба

Пандемијата на коронавирусот на површина повторно го исфрли проблемот на медиумска писменост со кој се соочуваат европските држави, во време кога дезинформациите поврзани со заболувањето и ширењето паника се многу распространети на социјалните мрежи. На проблемот се осврна и американската телевизија Си-ен-ен, која повикувајќи се на податоци добиени од истражување на организацијата „Отворено општество“, информира дека медиумската писменост на населението на Стариот Континент е шаренолика и дека значително варира меѓу државите.
Според истражувањето, кое опфатило 35 европски држави, на врвот на листата на медиумската писменост е позиционирана Финска, по која следуваат скандинавските и балтичките држави, а најниско рангирани се балканските земји, меѓу кои и Македонија.

Согледувајќи ги случувањата од македонски агол, Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) вели дека за да се подобрат работите во земјава е потребно политичките актери да ја разберат важноста на прашањето за издигнување на медиумската и информациска писменост.
– Сите треба да ја сфатиме важноста на проблемот на медиумската писменост на населението, која доколку е слаба ќе биде подложна на инструирано и организирано ширење дезинформации и манипулации – вели Петковска.
Таа објаснува дека издигнувањето на медиумската писменост на повисоко ниво е комплициран и долг процес, кој за да биде успешен треба да ги допре сите сегменти на нашето општество и да биде поддржано од властите во земјата.

– Состојбата со оваа проблематика дополнително се комплицира во нашата земја ако се знае дека дел од самите политички елити се и едни од организаторите на одредени дезинформации што се шират на социјалните мрежи кај нас, бидејќи ширењето на пропагандата се врши токму на интернет. Натаму, битно е да се забележи дека државата и нејзините институции треба да имаат и дополнителен мотив отворено да ги спречат овие случувања, кои неминовно штетно влијаат врз нашето општество.

Во решавањето на оваа загатка многу битен сегмент е образованието на населението за препознавање на дезинформациите, кое треба да започне од претшколските институции и да продолжи до високообразовните институции и факултети. Дополнително, оваа состојба ќе се подобри и кога во неа дел од решението ќе бидат и професионалните медиуми во земјата, кои веќе знаат да направат разлика меѓу тоа што е вистина и тоа што е лага – вели Петковска.

Таа информира дека, за среќа, кај нас се започнати подготовките за еден нов и обемен процес за подобрување на овие состојби, кој ќе се спроведува од МИМ, поддржан е од Владата и се очекува да се засили веднаш по излегувањето на нашата држава од вонредната состојба.

[email protected]