Министертвото за внатрешни работи поднело кривична пријава против поранешната директорка на Клиниката за дерматологија Нина Цаца Билјановска која спротивно на препораките од Владата по враќање од Италија не се самоизолирала. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев денес извести дека поранешната директорка се вратила од Италија на 29 февруари. Коронавирусот и беше потврден на осми март, а во меѓувреме таа одела на работа и присуствувала на симпозиум на кој имало повеќе од 100 здравствени работници. Поради контактот со неа, во изолација се околу 200 лица.

– Поранешната директорка направила влез во државава на 29 февруари. Против нејзе и против сите лица кои не ги почитуваат препораките, согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик е поднесен соодветен поднесок до Обвинителството – рече денес министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Членот 205 од Кривичниот законик се однесува на кршење прописи или наредби со што се предизвикува пренесување заразна болест, а по членот 206 се казнува сторител кој за време на епидемија на опасна заразна болест не постапил според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување.

Откако на ексдиректорката и беше потврден коронавирус, затворен беше целиот оддел. Сите вработени се во изолација. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека досега кај ниту едно лице поврзано со ексдиректорката не се појавиле симптоми на болеста. Ексдиректорката се лекува на Клиниката за инфективни болести.