МВР ќе поднесе кривична пријава против пет лица за орото во Чаир што се случи на 24 мај за време на празникот Бајрам, за предизвикување опасност од пренесување на коронавирусот.

Пријава ќе биде поднесена против П.Ќ. (50), А.З. (46), Е.Е. (36), Е.Е. (57) и Б.Д. (28) сите од Скопје за кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Пријавените на 24 минатиот месец во периодот помеѓу 09 и 10.30 часот, на улица Архиепископ Доситеј, поточно пред зграда бр.6 поради празнично расположение од верскиот празник, се собрале во поголема група од дозволеното играјќи оро, со што ја прекршиле забраната на собирање во група на повеќе од две лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини, како и Уредбата за задолжително носење на заштитна маска и држење на социјална дистанца.

За настанот, од МВР велат дека дознале од видео објавено на социјалните мрежи од страна на пријавените.

– По преземените мерки за идентификување на лицата од видео записот, утврдени се сите петмина пријавени и истите се повикани во Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар за да дадат појаснување за стореното кривично дело кое им се става на товар при што само Б.Д. го негирал извршувањето на кривичното дело – соопшти МВР.