Фото: Архива

Мајка и нејзиното четиримесечно бебе од Кочани се примени на Инфективната клиника, откако биле утврдени дека се позитивни на коронавирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче. И мајката и бебето се во добра здравствена состојба.

На Инфективната клиника во последниве 24 часа примени се пет нови пациенти, со што вкупниот број хоспитализирани на клиниката е 68. Од нив, 20 се со потешка клиника слика, а седум се во критична состојба.

– За четворица пациенти се чека вториот контролен тест – пред да бидат испуштени од клиниката како излечени“, информираше Филипче.

Во Градската болница „8 Септември“ има 25 хоспитализирани пациенти. Од нив пет се во тешка состојба и се приклучени на вештачка вентилација.

Во болниците во Битола и во Штип има по четворица пациенти, од кои на еден му е потребна кислородна поддршка.

Во последниве 24 часа регистрирани се 46 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови во Скопје – 12, Куманово – 13, Прилеп – 8, Тетово – 1, Струга – 2, Велес – 8, Кочани – 1, Пробиштип – 1.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 663 лица. Според последните објавени информации, 30 пациенти починале како последица на коронавирусот.

Министерот кажа и дека притвореник во истражниот затвор во Шуто Оризари вчера починал од срцев удар, а по извршената обдукција било утврдено дека тој е позитивен на коронавирусот.