Мајката и синот кои на шести април беа пронајдени мртви во Велес, починале во текот на март. Полицијата ги пронајде мртви откако соседите пријавиле дека од станот се шири смрдеа, а посмртно во дишното стебло на мајката беше откриен коронавирус.

Поради претпоставките дека мајката и синот починале во јануари оти соседите не ги забележале надвор од тогаш, министерот рече дека е можно коронавирусот да бил присутен во Македонија и пред првиот регистриран случај на 26 февруари.

Денес министерот Филипче извести дека нема да прави дополнителни истражувања во оваа насока оти обдукцијата покажала дека мајката и синот починале во текот на март.

– Заврши уводот на Судска медицина на мајката и синот кои беа најдени починати во стан во Велес. Според сите анализи, состојбата на телата, амбиенталните услови, сите информации кои ги добија докторите од Институтот за судска медицина, констатирано е дека смртта настапила пред три до пет недели од моментот на пронаоѓање. Тоа е практично во текот на март, а не во јануари како што иницијално беше споменато. Согласно тоа, нема некој посебен интерес да се прават дополнителни истражувања согласно актуелната состојба со вирусот ковид-19 – рече Филипче.

Работата на овој случај продолжува за да се утврди причината за смртта на мајката и синот.

Министерот рече дека се прават хистопатолошки и токсиколошки анализи по што ќе се финализира целокупниот наод и извештај на Институтот.