Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оваа новина, поточно вклучувањето на сите матични лекари во процесот на тестирање за рано и навремено откривање лица позитивни со коронавирусот, според здравствените власти, би требало да помогне во спречувањето на растот на кривата на пандемијата. Според упатените, пак, тоа би можело да биде голем предизвик за матичните лекари

Пациентите со симптоми типични за коронавирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, отсега можат да се јават и кај матичен лекар. Матичните лекари ќе утврдат дали треба преку системот „Мој термин“ да закажат точно време и место за тестирање со земање брис за коронавирус. Оваа новина, поточно вклучувањето на сите матични лекари во процесот на тестирање за рано и навремено откривање лица позитивни со коронавирусот, според здравствените власти, би требало да помогне во спречувањето на растот на кривата на пандемијата. Според упатените, пак, тоа би можел да биде голем предизвик за матичните лекари, со оглед на тоа дека нивна главна преокупација е примарното здравје на луѓето. Колку тие ќе успеат во ваква состојба да им се посветат и на редовните лекарски прегледи за преостанатите пациенти, е дилемата што се наметнува меѓу првите.

Од пред два дена во функција се 14 центри за тестирање на територијата на целата земја, од кои два се во главниот град, каде што и има најмногу заболени од коронавирусот. Со ова, практично, во функција се ставаат близу 1.200 матични лекари.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишова вели дека веќе се вклучени во процесот на дијагноза и водење на пациентите кај кои постои сомнеж дека се заразени од коронавирус.

– Ги упатуваме на тестирање оние пациенти што се сомнителни, односно кај кои постојат јасни индикации, а тоа ни го налага и прашалникот по кој се водиме за да закажеме термин за земање брис за вирусот. Засега интересот е насочен во градовите каде што веќе има повеќе заразени од овој вирус, како Скопје, Дебар, Куманово. Такви ни се сознанијата од контактот со тамошните матични лекари – посочува доктор Чолакова-Дервишова.
Во Скопје тестови се прават во посебни изолирани простории во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ченто“.
Доктор Виктор Исијановски, директор на Здравствен дом Скопје, вели дека се подготвува и просторија во поликлиниката „Чаир“, а се очекува во процесот да бидат вклучени и други објекти, каде што ќе има услови со посебен влез за пациентите.
– Во нив работат епидемиолози, одделени се од другите ординации и, според последните информации, во текот на завчерашниот ден беа пополнети сите 12 термини. Тие работат од 8 до 14 часот – посочува директорот Исијановски.
Од Центарот за јавно здравје во Скопје вчера посочија дека од почетокот на мерката во двата пункта биле земени 22 бриса.

– Матичните лекари преку Мој термин ги упатуваат пациентите во двата пункта во Скопје, но дневно таму може да се земат 36 бриса. Таа бројка се дополнува и со пунктовите од целата држава. Лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје дневно може да процесира 170 примероци од брис за коронавирус. Оваа процедура е бесплатна за пациентите – посочуваат од Институтот за јавно здравје.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека има јасни индикации што значи масовен скрининг, а тоа е да се уловат групите луѓе што можеби се во фаза на инкубација, а во овој момент не се свесни дека се позитивни, а може да се идентификуваат во согласност со проверката на нивната комуникација последниот период. Оваа одлука следува откако Светската здравствена организација ги повика сите земји да ја прошират програмата на тестирање како најдобар начин да го забават напредокот на пандемијата на коронавирус. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, ги критикуваше некои нации дека не сториле доволно за откривање и ограничување на смртоносниот коронавирус.

– Имаме едноставна порака до сите земји: „Тестирај, тестирај, тестирај“. Тестирајте го секој сомнителен случај, доколку се позитивни, изолирајте ги и откријте со кого биле во контакт два дена пред да развијат симптоми и тестирајте ги и тие луѓе. Без тестирање, случаите не можат да бидат изолирани и синџирот на зараза нема да биде прекинат – порача тој.


Скопје и Дебар со најмногу заразени во земјава

Бројот на заразени од коронавирус во изминатиот ден се искачи на 148 лица. Регистрирани се 12 нови случаи позитивни на коронавирус во текот на вчерашниот ден, до 12 часот. Според местото на живеење, досега има заразени во Скопје 88 лица, Дебар 40 лица, Куманово осум лица, Штип седум лица, Кавадарци и Охрид по две лица и во Гостивар едно заразено лице.

[email protected]