фото: Зоран Антоски

Интернационалната полициска асоцијација Регион Охрид, на новинарите и медиумските работници кои се членови на регионалното здружение на новинари на Македонија од Охрид, Струга, Кичево и Дебар, но и на оние кои не членуваат во ЗНМ, им подарува 100 повеќенаменски маски и исто толку пара заштитни ракавици.

Покрај здравствените работници, полицајците и војниците, во борбата против коронавирусот, новинарите се луѓето кои од почетокот на пандемијата постојано се на терен во првата линија на борбата против ковид-19.

– Новинарите извршувајќи ги професионалните обврски на полето на информирање на граѓаните, секојневно се во непосредни контакти со други лица, меѓу нив и особи од ричизни категории. Барајќи изјави од нив, престојуваат на различни локации и објекти и се изложени на можна зараза од коронавирусот. Преку информирањето делуваат кон заштита на јавното здравје и јавниот интерес, за подигнување на свеста на јавноста за превенција и доследна примена на препорачаните мерки, за справување со овој вирус – истакна Стефан Димоски, претседател на ИПА Регион Охрид, кој додаде дека новинарите и медиумските работници, треба да бидат максимално заштитени и во својата работа треба да се придржуваат до безбедносните препораки од надлежните институции.

Од таму додаваат дека со оваа скромна донација ќе придонесат за подобро опремување на новинарите со заштитни маски и ракавици кои им се неопходни на терен, за да го зголемат степенот на заштита за зачувување на сопственото здравје.

З.А.