За да се намали фреквенцијата и редовите на чекање, особено за документите кои најчесто им се потребни на граѓаните, овозможивме најчесто бараните документи како изводите од матичните книги на родени, венчани, умрени, да можат да се добијат по електронски пат и нема никаква потреба граѓаните да се појавуваат на шалтери, рече на денешната прес-конференција министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

На порталот uslugi.gov.mk во моментов има 128 услуги кои се достапни за граѓаните. Станува збор за потврди од најразличен вид од Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравствено осигурување и Централниот регистар.

– Апелираме и до сите граѓани кои имаат потреба од различни услуги или консултации со државните институции, тоа да го прават по електронски пат. Нема никава потреба да се посетуваат институциите физички. Само со целосен наш придонес ќе ја намалиме можноста за ширење на вирусот – рече Манчевски.