Одделението за медицински науки при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) упати апел за прифаќање на вакцинацијата до јавноста, врз основа на научните докази и на веќе здобиените светски искуства во борбата против коронавирусот.
– Сите доктори по професија и членови на Македонската Академија на Науките и Уметностите (МАНУ) сметаме дека сме должни да го повикаме населението на нашата земја да прифати вакцинација за ковид-19. Од сите научни докази и од веќе здобиените светски искуства се потврди дека засега вакцинацијата е единствена превентива и заштита од оваа кобна болест. Таа спречува заболување или потешка форма на болеста, а со тоа ја намалува можноста од смртен исход. Ова е неопходно уште и од причината што се уште се јавуваат нови, непознати соеви на вирусот, а кои сепак се помалку опасни за вакцинираните субјекти – наведено е во соопштението на МАНУ.
Се нагласува и дека сите членови на медицинското одделение на МАНУ се вакцинирани, како и дека ќе примат трета доза во предвидениот термин.
– Напоменуваме дека сите членови на медицинското одделение на МАНУ се вакцинирани со две дози од достапните вакцини, а ќе се вакцинираме и со трета доза кога за тоа ќе имаме термин – порачуваат од МАНУ.
Од МАНУ сметаат дека се должни да го изнесат ваквиот став поради контроверзите поврзани со ова прашање.
– Сметаме дека ваквиот едногласен став сме должни да го изнесеме во јавноста заради тоа што постојат разни контроверзи околу ова прашање. Бројките на новозаболени и смртни исходи секојдневно се зголемуваат и затоа е неопходно сите наши граѓани да се вакцинираат за да се заштитат и себе и своите најблиски – се заклучува во апелот.