Фото: Игор Бансколиев

Летни избори, освен што би донеле опасност за нов пандемиски бран и повторно загрозување на здравствената безбедност, би предизвикале и дополнителен втор последователен удар врз економијата и економските активности во земјава, кои силно се погодени од мерките за спречување на пандемијата

Добро подготвени и испланирани избори би го намалиле страшниот удар на корона-кризата

Зад вонредната состојба во Македонија и со право преземените приоритетни мерки на техничката влада за безбедност на граѓаните, сепак „лебди“ сенката на неодржаните парламентарни избори. Тие како вонредни требаше да се одржат на 12 април. Но во интерес на јавното здравје, политичките партии постигнаа консензус за прекинување на започнатите изборни активности и одложување на изборите, без одреден рок. За жал, многу од партиските активности преземени во вонредната состојба во голема мера се во интерес и на собирање изборни поени. Во јавноста како консензуална политичка мантра се повторуваше дека „сѐ уште е рано да се зборува за избори, дека пандемијата не е победена и дека приоритет е здравствената заштита на граѓаните“. Но со олабавувањето на мерките за ограничување на движењето, почнаа неформално и сѐ почесто да се лиферуваат шпекулации за можноста и датумите за одржување избори.

Брзи избори – реална опасност од втор последователен удар врз економијата

Завесата зад која се прават изборните калкулации како да стана попроѕирна, па се зборува за можност за одржување на изборите од крајот на јуни до средината на јули, повикувајќи се на очекувањата за нов пандемиски бран од есен… Наспроти овие аргументи, во јавноста се изнесуваат и размислувања дека летни избори, со групирање на граѓаните и физичките контакти, освен што би донеле опасност за нов пандемиски бран и повторно загрозување на здравствената безбедност, би предизвикале и дополнителен втор удар врз економијата и економските активности во земјава, кои силно се погодени од мерките за спречување на пандемијата. Во сите овие предизборни сигурносни анализи, јасно е дека се содржани различни партиски интереси, процени и претпоставки, но сепак не може да се игнорира фактот дека пандемијата предизвика подигнување на безбедносно-здравствените технички стандарди за изведба на изборите, кога и да се одржат тие.

Пандемијата наметна нови здравствено-технички стандарди за целиот изборен процес

Новите здравствено-технички стандарди секако треба да се спроведат од страна на Државната изборна комисија, која ги спроведува изборите, а претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, апелира до политичките фактори да ги имаат предвид при постигнувањето консензус за новиот датум за одржување на изборите.
– Независно од какви било шпекулации, Државната изборна комисија работи во согласност со Изборниот законик, и откако ќе биде одреден датумот за одржување на изборите, тогаш можеме да започнеме со спроведување активности за организација на изборите. Сосема е извесно дека пандемијата постави нови здравствено-технички стандарди за изведба на целиот изборен процес, и политичките фактори треба да го имаат тоа предвид при евентуалното консензуално одредување на датумот за одржување на изборите. Кога ќе заврши вонредната состојба, мерките за превенција и понатаму ќе продолжат да се применуваат.

И како што ќе се применуваат во редовните животни активности, сигурно ќе се применуваат и при спроведување на изборниот процес (носење маски за заштита, ракавици, дезинфекција…). Затоа сметам дека е подобро да се почека и да не се влетува веднаш во изборен процес по завршувањето на вонредната состојба, зашто секако е потребно време и за одредување нови процедури при спроведувањето на избори, како и за едукација и на учесниците/ спроведувачите на изборите, но и на граѓаните/гласачите. Политичките фактори треба да ги имаат предвид сите овие нови аспекти, за целиот изборен процес да има легитимитет. Да не го споменувам и ажурирањето на избирачкиот список, што секако се наметнува со одложувањето на изборите, за утврдување на правото на глас, кое не треба да им биде укинато на граѓаните – вели Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија.

Изборите да не бидат двоен стрес за бизнисот и за економијата

Новиот датум за одржување на изборите, во секој случај ќе претставува двоен стрес за бизнисот и за економијата во Македонија, кои речиси два месеца од прогласување на пандемијата се во вегетативна состојба. Зачестените циклуси (вонредни) избори во изминатите 10-12 години веќе ја имаат ставено македонската економија да функционира под постојана неизвесност и стрес, а пандемијата (како впрочем и во целиот свет) претставуваше неочекуван и секако непланиран удар. Во овие околности, кога штетите се веќе направени, економските експерти ценат дека брзите избори (по завршувањето на вонредната состојба) нема да дозволат економијата да фати замаец во закрепнувањето.
– Изборите во Македонија одамна се претворени во средство за одвлекување на вниманието од решавањето на суштествените проблеми на општеството како економскиот развој, подигнување и стабилизирање на животниот стандард на граѓаните, и воопшто квалитетот на животната егзистенција. Со неочекуваната пандемија и одложувањето на (уште едни) предвремени избори, се најдовме во ситуација на немање избор.

Немањето избор произлегува од тоа што политичкото функционирање стана премногу заплеткано: има проблеми со уставноста на одлуките за (и во) вонредна состојба, во услови на распуштено Собрание, техничка влада што нема мандат за подолго да функционира, што на институциите не им остава простор за законско функционирање… Поразителна е извесноста дека како и секогаш „колата ќе се скрши“ врз стандардот на граѓаните, економските активности и економскиот развој – вели економскиот експерт и поранешен гувернер на Народната банка Петар Гошев.
Гошев не го игнорира факторот на неочекуваното погубно влијание на пандемијата врз економијата, но смета и дека долгогодишните политичко-партиски калкулации претходно ги ослабнале темелите на економијата и можностите за нејзино брзо закрепнување.

– Економијата е ставена во страшна состојба уште многу порано, зашто партиските калкулации за освојување и опстојување на власт, секогаш биле поважни од тоа да се заврши мандатот и да се создадат услови и период за континуиран економски и општествен развој. Самите партии, со нивните претходни одлуки, доведоа до ситуација за немање алтернатива – вели Петар Гошев.