Општина Битола информира дека пристигнатите македонски државјани се сместуваат во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори. Изолацијата, која досега беше во сопствените домови, како мерка е подобрена со изолација контролирана на ваков начин бидејќи се под 24-часовен надзор, што не остава можност за непочитување на изолацијата, како што се случуваше во изминатите денови во одредени ситуации во државата.

Станува збор за 45 лица, кои ќе бидат сместени во хотел во центарот на градот, во задолжителна 15 дневна изолација.


Таквиот потег ги запали социјалните мрежи во Битола, кои реагираат зошто повратниците од Малта се сместени во изолација во хотел во самиот центар во градот.
Голем број битолчани реагираат зошто групата не беше ставена во карантин во хотели на периферијата во Битола, или во детското одмпралиште „Пелистер“, кое има капацитет од околу 200 легла и кое со години седи затворено.

– Никој од нив не претставува опасност за градот затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Значи, пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација. Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние што можеби се и недолжни затоа што сакаат да се вратат дома. Повеќето од нив се наши деца. Нека ги поминат во мир 14-те изолативни дена, а не уште повеќе да им ја отежнуваме состојбата. Мора да преовладуваат разумот, состојбата на човечност, колективноста, што секогаш сме ги имале.

Останете во своите домови со вашите семејства и оставете на професионалците да си ја завршат својата обврска. Само заедно ќе излеземе посилни од оваа светска криза, која, за жал, не нè одминува ниту нас – соопшти општина Битола.

Вечерва, МНР организира и враќање на 169 македонски граѓани од Загреб.

М.М.