Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во врска со препораката на ЕУ за Македонија да воведе санкции кон Турција, „Нова Македонија“ побара официјален став од Брисел и од МНР, од каде што добивме интересни согледувања

Барањето на Брисел, и Македонија да се приклучи кон санкциите што ги презема ЕУ во однос на Турција го привлече вниманието на јавноста, особено поради фактот што барањето доаѓа во услови кога светот се соочува со заканата од глобалната пандемија на коронавирусот. Дали токму сега е вистинско време за санкции и репресивни мерки, но и како тоа ќе влијае на традиционално добрососедските односи на Македонија и Турција? Во врска со ова, но и за повеќе детали за најавените санкции побаравме мислење директно од Брисел, како и од нашето МНР. Дотолку повеќе што неодамна и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на примирје во светот и укинување на сите досега преземени мерки за санкции.
Од Европската Унија сепак не мислат така.

– Во својот говор пред Г20, минатата недела, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, повика само на „откажување од санкциите што можат да го поткопаат капацитетот на земјите да одговорат на пандемијата“, а не за прекинување на сите санкции. Санкциите на ЕУ или рестриктивните мерки ги наметнуваат земјите-членки, кои дејствуваат едногласно и се насочени кон оние земји чии активности го кршат меѓународното право и го загрозуваат меѓународниот мир – е наведено во одговорот од институциите на ЕУ во Брисел, за одлуката да спроведат санкции спрема Турција во врска со операциите за пребарување природен гас во слободната економска зона на Република Кипар.

Во врска со прашањето на „Нова Македонија“ дали поддршката што се бара да ја даде Македонија во санкциите на ЕУ за Турција е резултат на некакви услови поврзани со очекувањето за отворање преговори за членство во ЕУ од Брисел го добивме следниот став.
– Земјите-кандидатки на патот кон влез во Европската Унија се поканети да се усогласат со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во своите постапки и објави во меѓународните форуми. Европската комисија го следи усогласувањето на земјите-кандидатки кон оваа политика, вклучувајќи и на рестриктивните мерки на ЕУ. Северна Македонија беше поканета да се приклучи на рестриктивните мерки на ЕУ, наметнати на Турција, поради нејзиното континуирано неовластено активирање на дупчење во територијалното море, ексклузивна економска зона или континентална полиса на Република Кипар.

Овие вклучуваат забрани за патувања и замрзнување на средства на лица и субјекти вклучени во неовластено истражување на јаглеводороди – гласи одговорот од ЕУ за „Нова Македонија“.
Со оглед на досегашните исклучително добри билатерални односи на Македонија и Турција, ваквата поддршка на политиките и одлуките на ЕУ од македонска страна ја содржи и опасноста за нарушување на долгогодишните релации со Турција, прашање упативме и до македонското министерство за надворешни работи, со сличен контекст како и за ЕУ: Колку е продуктивна за Македонија политиката на поддршка на санкции во период на глобална пандемија на коронавирус?

– Во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Република Северна Македонија како земја-кандидат за членство има обврска да се придружува кон заедничките позиции во форма на декларации, изјави и рестриктивни мерки што ги усвојува ЕУ со консензус. Во рамките на своето редовно придружување кон позициите на ЕУ, во декември 2019-та, Северна Македонија се придружи кон Одлуката на Советот на ЕУ 2019/1894, донесена на 11 ноември 2019, со која се воведуваат рестриктивни мерки по однос на „неовластените активности на Турција за дупчење/истражување минерални суровини во Источниот Медитеран.“

Со одлуката се воведуваат рестриктивни мерки за спречување влез или транзит преку територијата на земјите-членки на ЕУ, како и замрзнување финансиски средства и други економски ресурси во сопственост на правни или физички лица што се инволвирани во ваквите активности. Основната одлука од ноември 2019-та не беше проследена со анекс на кои лица точно таа ќе се однесува. Во февруари 2020-та, ЕУ ја ажурираше претходната основна одлука кон која Северна Македонија веќе беше придружена (Одлуката на Советот на ЕУ 2020/275 за рестриктивни мерки по однос на неовластените активности на Турција за дупчење/истражување минерални суровини во Источниот Медитеран) и во анексот беа ставени две физички лица (директорот и заменик-директорот задолжени за истражување во Турската нафтена корпорација – TPAO) што ќе бидат предмет на рестриктивните мерки.

Во спроведувањето на основната одлука, по барање од страна на ЕУ, Северна Македонија се придружи и кон ажурираната одлука во однос на двете лица. Со оглед дека од земјите-кандидати за членство се бара усогласување на националните политики кон одлуките за рестриктивните мерки кон кои се придружуваат, во тек е меѓуинституционална консултација помеѓу надлежните институции за спроведување на рестриктивните мерки во домашниот правен поредок за двете наведени лица – се вели во одговорот на македонското министерство за надворешни работи.
Очекувањата, сепак, се дека со преземените мерки од македонска страна кон Турција, и тоа по налог на Брисел, нема да дојде до нарушување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција, кои се одликуваат со традиционално пријателство и меѓусебна соработка.