„Разликата помеѓу политичарот и државникот е во тоа што политичарот размислува за следните избори, додека државникот размислува за следната генерација“, Џејмс Фримен Кларк

Нашето општество е рамнодушно кон политиката, оваа е особено забележливо кај младата генерација, која не пројавува интерес за општествено-политичките случувања и сѐ помалку има симпатии или наклонетост кон некоја постојна политичка можност. Од друга страна, делот од општеството што е оптоварен со политика, е заразен со вирусот на политикантството што, пак, повторно има негативно влијание врз севкупниот развој на општеството.
Обете крајности, што впрочем е и генерална црно-бела одлика на нашето општество, го инфицираа до епидемија македонското општество. А секоја епидемија, влијае девастирачки и на економијата и на социјалата и на здравството и образованието, па ако сакате и на безбедноста, културата, спортот и младите…
Индиферентноста на младата популација во форма на аполитичност и нихилизам е крајно неповолна, затоа што младите секогаш се носители на промените и новитетите.

Но времето на рамнодушност не е карактеристика само за младите. Многумина од „седокосите, позрели и помудри граѓани“ честопати ќе ви одговорат дека се двоумат дали да излезат на изборите и да гласаат, бидејќи немаат симпатии кон одредена политичка опција. Многупати досега сме слушнале дека државата (институциите) ја изгубила довербата на граѓаните и дека државата треба да ја врати довербата.
Оваа апатија може да се објасни со фактот дека во последните триесетина години, граѓаните беа лишени од можноста да изберат државници во вистинска смисла на зборот. Постојат големи различности помеѓу политичарот и државникот, не случајно Џејмс Фримен Кларк вели дека политичарот размислува за следните избори, а државникот размислува за следната генерација.

За разликите помеѓу политичарот и државникот се пишува уште од антиката. Според Платон, државникот поседува специјализирано знаење преку кое знае да управува правично и се грижи за интересите на граѓаните. Во тој дух се искажува и Марко Тулиј Цицерон, кој вели дека вистинскиот државник треба да поседува доблест, чувство за правда, мудрост, достоинство, дарежливост и великодушност. Политичарот е сосема поинаков, тој ќе стори сѐ за да биде избран и да се стекне со политичката моќ, политичарот нема одредени основни вредности и честопати ги менува верувањата за да напредува во својата политичка кариера. Политичарот и државникот имаат различни погледи и за суштината на самата држава.

Државничките разбирања може да се објаснат со искажувањата на Аристотел дека државата е „политичко здружение“ (koinōnia politikē) и државата е создадена за да се постигне среќа или нешто добро за заедницата во целина. Со други зборови, државникот е медијатор бидејќи посредува помеѓу различните чинители во општеството и се стреми да ги задоволи нивните потреби.

Досега главната максима на нашите политичари како да беше: „Државата – тоа сум јас“!? Меѓутоа, државата е заедница на нацијата, односно граѓаните. А не на политичарите или на политичките елити.
На следните избори, политичките чинители (ќе) треба да сочинат листи на личности со државнички афинитети, во спротивно Македонија и понатаму ќе биде еден темен вилает, кој само ќе преживува.