Фото: Илустрација

Компаративна опсервација на една (не)популарна безбедносна мерка

Македонија почна да го живее кога првпат во нејзината историја се спроведува полициски час, откако викендов техничкиот претседател на Владата, Оливер Спасовски, најави воведување на ограничено движење во вечерните и ноќните часови.
Оваа мерка следуваше по игнорирањето на некои неодговорни граѓани на низата апели и препораки да се намали излегувањето од дома, за да се спречи ширење на коронавирусот, а слични државни дејствувања во период кога владее пандемија на коронавирусот има и во светот и во регионот.
Во таа насока, по првата вечер од спроведувањето на полицискиот час и ефектите на спроведувањето на мерките на Владата, премиерот Спасовски изјави дека одговорноста на граѓаните треба да биде како никогаш досега.

– Првпат воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно – изјави Спасовски за новинарите.
Министерот на МВР, Наќе Чулев, изјави дека очекува исклучителна поддршка од страна на граѓаните, за доброто на заедницата. Тој информира дека состојбата на првиот ден од полицискиот час на терен е мирна, најголем дел граѓани ги почитуваат мерките

– Полициските службеници не се сами во извршувањето на своите обврски, тука се поддршката од мене и поддршката од сите граѓани, кои со почитување на одлуката на Владата покажуваат исклучителна почит кон униформираните лица што се грижат за нашата безбедност и нашето здравје – рече тој.
Јавното обвинителство (ЈО), од своја страна, во изнесените ставови од својот делокруг на работа, а поврзано со спроведувањето на полицискиот час во земјава, информира дека ќе одговара со затвор до една година секој што не го почитува полицискиот час воведен за заштита од коронавирусот.
Според ЈО, граѓаните што ќе се движат во периодот од 21 часот до 6 часот наутро ќе бидат обвинети за кривично дело по членот 206 од Кривичниот законик – непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, како оние што се во изолација а излегуваат надвор, односно секој што нема да го почитува полицискиот час, ќе се смета дека шири зараза.
– За ставот 1 од членот 206, за кој е пропишана одговорност на физичко лице, предвидена е парична казна или затвор до една година, а во ставот 2, ако делото го стори правно лице, пропишана е парична казна до 30 милиони денари (околу 490.000 евра) – вели Јавното обвинителство.

Во истиот контекст, од истражниот затвор во Шутка информираа дека се подготвени четири ќелии за оние досега казнети граѓани што излегле од самоизолација, постапиле спротивно на мерките на Владата, за оние што се спротивставиле или нападнале службени лица (лекари, полицајци, војници, за кои веднаш во практика има притвор) и за други кривични дела.
Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Есад Рахиќ, потврди дека паралелно со носењето на владините мерки за справување со пандемијата на коронавирусот се овозможени посебни ќелии за сторителите на кривичните дела поврзани со ширење на заразата.
Според Законот, граѓаните што се казнети со парични казни од 1.000 до 4.500 и повеќе илјади евра, а кои немаат пари да ја платат казната, ќе бидат осудени на затворска казна до една година, која ќе треба ја одлежат во Шутка.
Во изјава за „Нова Македонија“, дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска на темава говори дека полицискиот час, иако на прв поглед се чини како многу строга мерка, во овој случај е нужност.
– Одлуката да се воведе ограничување на движењето на граѓаните се донесе затоа што првичните препораки што беа дадени кон населението не беа во целост почитувани. Несовесното однесување на дел од граѓаните придонесе да се донесе рестриктивна мерка. Оваа состојба е многу специфична борба, затоа што немаме физички видлив непријател, туку е вирус, кој, за жал, се шири многу брзо. Плановите за дејствување ги носиме во согласност со препораките на епидемиолозите и тимот од Министерството за здравство. Пораката од полицискиот час е многу јасна, состојбата е премногу сериозна за да оставиме на свеста кај поединци, државата мора да ги искористи сите инструменти за да ги заштити граѓаните – вели таа.

Според Петровска, за жал, во периодот што следува ќе се донесат рестриктивни мерки што навистина ќе ги ограничат движењето и животот на граѓаните, но тоа е единствената опција да се заштити здравјето на секој од нас.
– Граѓаните што не ја почитуваат наредбата за изолација или самоизолација веднаш се сместуваат во државен карантин на сопствен трошок, ова нека го сметаат како да им е одредена мерка притвор. Немаме време за воспитување и превенција, мораме да бидеме строги. Подготвени сме за зголемување на полицискиот час, целосни рестрикции за време на викендите и забрана за движење на одредена старосна категорија граѓани. Секое ограничување е за доброто на граѓаните и, најважно, единствен начин да ја победиме оваа заразна болест е да ги почитуваме мерките на Владата и насоките од лекарите – резимира Петровска.
Професорот Темелко Ристески од универзитетот ФОН, пак, истакнува дека треба да се најде златна средина во ограничувањето на движењето на граѓаните.
– Факт е дека потполната слобода на движење, во услови на постоење на недисциплина во почитувањето на мерките на Владата е недопуштена крајност. Друга крајност е 24-часовната забрана на движењето. Владата, ценејќи ја ситуацијата, се одлучи за деветчасовна забрана на движењето – меѓу 21 часот навечер и шест часот наредниот ден. Доколку тоа ограничување не ги даде потребните резултати, може да се продолжи. Но, се разбира, во границите на „мерата“. А мера е моментот кога од ограничувањето на движењето ќе има повеќе штета отколку корист – пишува Ристески на својот фејсбук-профил.

Регионални и светски примери

Во меѓувреме во регионот, пак, најблиску до мерките на полициски час што ги презеде нашата држава е Босна и Херцеговина, каде што важат правилата за забрана за движење на граѓаните од 18 часот попладне до 5 часот наутро.
Весникот „Дневни аваз“ на темава информира дека исклучок од полицискиот час имаат само лицата вработени во службите задолжени за борбата против епидемијата на коронавирусот, како и работниците во компаниите што своите активности ги организираат во смени.
Во Албанија, пак, на 14-от ден од појавувањето на првиот случај на заразен за коронавирусот се воведе мерката полициски час. Кај овој наш сосед мерките за полициски час се построги од Македонија, имено албанските власти најпрво прогласија дводневен полициски час, кој важеше со крајот на викендов, а од почетокот на неделата во иднина на граѓаните ќе им биде дозволено единствено движење од 5 часот наутро до 13 часот напладне.
Премиерот Еди Рама информира дека полицијата заедно со армијата е распоредена насекаде низ државата, а за „непослушните“ поради непочитување на препораките и мерките следуваат казни. Само во изминатиов викенд, според албанските медиуми, изречени се 154 парични казни во висина од по 10.000 леки, додека на 129 лица им се одземени возилата и возачките дозволи.
Во соседна Србија, полициски час беше воведен минатата недела. Кај северниот сосед најпрво полицискиот час важеше од 20 часот навечер до 5 часот наутро, но по зголемувањето на бројот на заразени од вирусот мерките беа засилени и во моментов во оваа земја е забрането движење на лицата по улиците во периодот меѓу 17 часот попладне и 5 часот наутро. Во овој период единствено е дозволено движење на цивили со посебни државни дозволи за движење, органите на јавниот ред и мир, медицинските лица и комуналните претпријатија. За граѓаните на Србија постари од 65 години во урбаните средини и 70 години во руралните средини важи целосна забрана за движење од 24 часа, освен во недела, кога само за оваа група луѓе се отвораат продавниците од 3 часот по полноќ до 8 часот изутрината. Казните за прекршување на овие мерки изнесуваат над 1.000 евра, но досега тамошните власти во најголем дел ги спроведуваа граѓаните до нивните домови и изрекуваа условни казни.
Натаму, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера објави дека земјата од понеделник ќе биде во карантин, за да се спречат сите несуштински движења на граѓаните, во обид да се запре натамошно ширење на коронавирусот.
– Сега е време за храбри и навремени иницијативи – кажа Мицотакис во телевизиско обраќање до нацијата.
Тој им се заблагодари на мнозинството Грци што се однесуваат одговорно и се наоѓаат во самоизолација.
На светско ниво, пак, Италија и Кина се најтешко погодени земји од коронавирусот. Во овие две држави е најригидна формата на полициски час, во која на граѓаните во текот на целиот ден им е забранет излез од своите домови, освен во случаите за кои поединци имаат државни дозволи за движење на јавен простор.
Во Австрија, пак, полицискиот час предвидува забрана за севкупно движење од 19 часот вечерта до 7 часот наутро, а за прекршување на одредбите граѓаните ќе добиваат прекршочни пријави.

Какви типови полициски часови постојат?

Во контекст на актуелните случувања, за обележување е информацијата на оваа тема што ја публикува американскиот портал „Дефендер“, кој пишува дека светската практика разликува три форми на полициски час.
Според порталот, овие вонредни мерки што државите во моментов ги преземаат во правец на справување со опасностите од коронавирусот се разликуваат меѓу себе единствено во нивоата на изречените казни преку правниот институционален механизам, а не во начинот на кој се спроведуваат, бидејќи во сите три типа се исти.
Порталот информира дека во првата, поблага форма на полициски час, изречените казни за негово прекршување се во траење од триесетина дена, во втората казните може да достигнат и до една година затвор, а во најстрогата форма се преземаат и неколкугодишни затворски санкции за прекршителите на одредените државни мерки.


За непочитување на полицискиот час  приведени 18, а предупредени 74 граѓани

За време на првата ноќ од полицискиот час во земјава, во кој беше забрането движењето на населението, биле приведени 18 граѓани, а околу 74 биле предупредени.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера оцени дека на територијата на државата генерално се почитувала одлуката за спроведување на полицискиот час.
Министерот информира дека лица биле уапсени во Тетово, Гостивар, Куманово, Штип, Радовиш, Кочани и во Виница.
Тој додаде дека во моментов МВР контролира 618 лица што имаат решенија за изолација и 7.307 лица што потпишале изјави за самоизолација, а досега вкупно се поднесени 77 кривични пријави за непочитување на изолацијата и на карантинот.

[email protected]