Фото: Зоран Антоски

Локалната компанија „Атва-маркети“, на кичевската општа болница, денес и донира стока во вредност од 300.000 денари. Донацијата се состои од прекривки, перници, ќебиња, средства за лична хигиена и средства за хигиена на простории.

Истата ја предаде сопственикот на оваа компанија, Душко Сиљаноски, а ја прими директорот на Кичевската болница, Станко Трпески, кој се надева дека по стапките на оваа компанија, во време на пандемијата, да тргнат и други фирми од градот и општината.

– Во период кога секаква помош е добредојдена, денес од страна на локалната компанија „Атва-маркети“, ни беше донирана стока и помагала во вредност од 300.000 денари. Донацијата се состои во 100 јастуци, 200 прекривки, 100 ќебиња, потоа средства за лична хигиена и за хигиена на просториите. Оваа донација секако ќе ни ја олесни работата во понатамошниот период, кога водиме беспоштедна битка да го спречиме ширењето на опасниот коронавирус на локално ниво. Се надеваме и очекуваме, во блиска иднина, по стапките на оваа компанија да тргнат и други добростоечки компании од градот и општината. Сето тоа ќе биде многу благопријатно за нашето функционирање во најтешкиот период во изминативе неколку децении, поради пандемијата од ковид-19 – истакна директорот Трпески.

Инаку, досега покрај денешната донација, со помала донација се вклучи и една веледрогерија од градот.