Фото: Зоран Антоски

За да се провери дали угостителските објекти, коцкарниците и обложувалниците се придржуваат кон мерките на Владата за справување со Коронавирусот, полициските службеници од СВР Охрид во соработка со Државниот пазарен инспекторат спроведоа обемна акција, во која беше извршена контрола врз горенаведените објекти, при што беше констатирано дека без исклучок сите објекти кои беа дел од оваа обиколка ги почитуваат мерките на Владата и остаа затворени.

– Полициските службеници од СВР-Охрид во соработка со Државниот пазарен инспекторат, спроведоа акциска контрола во општина Кичево. Во оваа акциска контрола беа проверени 60 угостителски објекти, 8 коцкарници и 12 обложувалници. Во сите 80 случаеви не беше констатирано отстапување од одлуката на Владата за справување со Ковид-19, што е за пофалба бидејќи со дисциплината која ја покажаа работодавачите полесно ќе се справиме со оваа пандемија – истакна Стефан Димовски од СВР-Охрид.

Што се однесува до снабденоста на Кичево со прехрамбени артикли состојбата е задоволителна, со исклучок на неколкуте маркети каде потрошувачката на одредени намирници е поголема од објетктивниот капацитет на објектот. Беше утврдено дека во најголем дел недостигаат средства за хигиена и дезинфекција, брашно, производи од брашно, сувомесни производи, паштети, ориз, супи и др. Работодавачите се трудат да нема празни рафтови, но интензитетот на потрошувачката ги присили да ги лимитираат количините кои граѓаните имаат намера да ги купат, за да може поголемиот дел потрошувачи да обезбедат вакви намирници.

Во последните неколку дена се чувствува и дефицит од заштитни маски , ракавици и средства за дезинфекција, така деновиве граѓаните на Кичево со сериозни забелешки дека ги прошетале повеќето аптеки во градот за да дојдат до неопходните маски но останале со незавршена работа.

– Прошетав во десетина аптеки во градот но никаде не успеав да најдам заштитни маски. Во повеќето аптеки најавуваат скорешна набавка, но ние сеуште остануваме без неопходните заштитни средства – вели Борко, еден од повеќемината граѓани, кој сеуште не обезбедил заштитни маски и ракавици за своето семејство.     

Фото: Зоран Антоски