Фото: Игор Бансколиев

Општествената стигматизација во оваа ситуација значи дека луѓето што се заразени или се на некој начин поврзани со заразата од коронавирусот веднаш се етикетираат, се сметаат за неодговорни и опасни, со еден збор, се дискриминираат, што доведува до тоа тие да имаат чувство на пониска вредност и дека се лошо третирани

Како е да се биде позитивен на коронавирусот во општества како македонското со голем процент на стигматизација и осудувања? Дали луѓето што ја имаат болеста, ја кријат од околината? Одговорот на овие прашања најлесно се пронаоѓа во речиси минималниот број заболени што се одлучуваат јавно да зборуваат за својата состојба. Нивните пораки се јасни, вирусот е присутен, секој може да се зарази, ослободете ги срцата, напуштете ја стигматизацијата.
Меѓу ретките случаи што се одлучуваат да зборуваат за тоа како е да се живее со ковид-19 е и четиричлено семејство во една скопска населба. Тие веќе три недели се во самоизолација откако им биле позитивни резултатите на тестот за коронавирусот. Тие раскажуваат како реагирале нивните блиски пријатели кога дознале дека се позитивни на вирусот.

– Сопругот се заразил од некој колега на работа, сега сите дома имаме ковид-19 со децата. Само јас примам антибиотска терапија бидејќи имав бронхопневмонија. Во почетокот криевме, никој не знаеше, освен најблиските бидејќи некој мораше да ни носи до пред врата храна и лекови. Не кажувавме поради менталитетот на луѓето. Еве, сега знаат скоро сите, па и соседите, но ретко кој се јавил да праша како сме. Поради тој игнорантски однос или поради реакцијата на пријателката, која испаничи кога ѝ кажав телефонски и која повторно никогаш не ми се јави, се чувствувам дури и виновно што сум заразена, а всушност секому може да му се случи ова. Кој сака да биде болен? – прашува скопјанката Д.Т.
Случајот на ова семејство е само еден показател за тоа колку ова општество може да биде и нетолерантно, но и стигматизирачко.

Данче Шишовска, која ја победила болеста, преку својот фејсбук-профил им порачува на оние што се однесуваат стигматизирачки кон овие лица, да бидат свесни за опасноста од вирусот и да не ги омаловажуваат оние што се заразени.
– Да не заборавиме сите сме луѓе, полна вреќа и не знаеме што носиме во себе, не по моја вина, како и многу други, и јас бев жртва на овој вирус, меѓутоа успешно го совладав. Како што сум била борец за сѐ друго во животот така се изборив и против ова зло, ги преживеав и сите малограѓански муабети и победив за себе и за својата фамилија. Бидете ми добри, чувајте се и почитувајте ги мерките што ви ги кажуваат, само така ќе го зачуваме нашето здравје и здравјето на нашите сакани – напиша Данче Шишовска на Фејсбук.

Сепак, и покрај опасноста да се соочат со стигматизација, некои од луѓето што кога дознале дека се позитивни на вирусот, одговараа совесно и со предупредување, пред сѐ за луѓето со кои имале контакт.
Таков е случајот на Марија од Гевгелија, која кога се заразила својата приказна ја сподели на Фејсбук за да ги предупреди своите пријатели.
– Ги известивме сите лица со кои сме контактирале и јас и моето семејство и тие утре ќе се тестираат. Не судете, никого не сум заразила намерно, вирусот е невидлив и е насекаде. И јас сум исплашена, исто како и вие и ова што се случува во светот не го измислив јас – напиша Марија.

Но зошто всушност луѓето имаат потреба да стигматизираат, да осудуваат и да ги избегнуваат вербалните контакти со заболените од ковид-19, ако е јасно дека вирусот ниту се пренесува преку телефон ниту преку интернет-комуникација. Зошто наместо поткрепа на болните, голем број пријатели ги игнорираат овие лица.
Универзитетската професорка Александра Србиновска Дончевски вели дека ваквата појава најчесто се јавува од незнаење и страв. Таа посочува дека стигматизацијата најчесто е јавува во општеството како резултат од недоброто селектирање и препознавање вистинити и лажни информации и затоа апелира дека е најдобро да се следат препораките и официјалните информации на Министерството за здравство.

– Стигмата е поттикната од комбинација на нешто ново непознато за луѓето и од страв од тотално нов вирус на глобално ниво. Не треба да се осудува, треба да се подаде рака во оваа тешка ситуација во која сме сите и од која треба да излеземе како победници, а со тоа и како општество најбрзо ќе оздравиме – вели професорката.
Таа истакнува дека, за жал, таквата ситуација ги обесхрабрува преостанатите да помогнат во препознавање на симптомите и во кревањето на јавната свест.
– Во Македонија може да се забележи од социјалните медиуми како, на пример, луѓето што први се охрабрија да кажат дека се заболени, сакајќи да помогнат и да ја кренат јавната свест со укажување на првите симптоми и на тоа како се заразиле, доживуваат осуда односно се стигматизирани – вели професорката Србиновска Дончевски.

Таа нагласува дека општествената стигматизација во овој случај значи дека луѓето што се заразени или се на некој начин поврзани со заразата, веднаш се етикетираат негативно, се сметаат за неодговорни и опасни, со еден збор, се дискриминираат, што доведува до тоа тие да имаат чувство на пониска вредност и дека се лошо третирани.
За да се намали психичкиот притисок врз лицата што се во карантин, државата воведе телефонски бореви за психолошка поддршка. Психолозите, кои работат на овие линии за поддршка на лицата што се заразени, велат дека се јавуваат и луѓе со таква тешкотија. Стигматизацијата влијае на нив и нормално е дека не може да се занемарат тие коментари, но психолозите ги советуваат дека треба да се свртат кон себе и да го гледаат своето здравје, зашто во тој момент, тоа е најбитно.

[email protected]