Повеќе од 1.000 лалиња и голем број на книги од холандски автори преведени на македонски и албански јазик денеска беа подарени од холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп преку Министерството за здравство до Институтот за јавно здравје и останатите јавно-здравствени установи во кои се лекуваат пациенти со ковид-19 по повод Националниот ден на Холандија. Оваа година, овој ден се одбележува во знак на пожртвуваноста на здравствените работници.

Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија, Дирк Јан Коп, го предаде подарокот на заменик-министерот за здравство Арменд Арслани, во присуство на министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Денот на Кралот во Хoландија е симбол на сплотеноста, а оваа година нè научи дека само доколку работиме заедно можеме да го надминеме глобалниот предизвик со кој сме соочени. Здравствените работници се во првите редови на борбата со вирусот и со овој гест сакаме да им оддадеме почит за нивната неуморна посветеност како и да внесеме позитивна енергија во нивната напорна работа – изјави амбасадорот Коп.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров упати благодарност до Холандската Амбасада во Македонија што е поканет да биде дел од одбележувањето по повод холандскиот Национален празник – Денот на Кралот.

– Оваа година со оглед на околностите предизвикани од пандемијата, се одлучија да го одбележат на еден креативен начин со најзаслужните, вработените во здравствениот сектор на Северна Македонија, подарувајќи им над 1.000 лалиња, како типично холандско обележје и поголем број преведени книги од повеќе холандски автори. Со овој симболичен гест, освен што се одава признание за работата на здравствените работници, исто така е и знак во духот на досегашната солидарност и поддршка од холандска страна. За потсетување Холандија даде поддршка за Северна Македонија и преку набавка на тестови за коронавирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија и Светската здравствена организација – потенцираше министерот Димитров.

Заменикот министер за здравство, Арменд Арслани, се заблагодари на Кралството Холандија за севкупната поддршка на здравствениот систем.

– Она што нè обединува сите е истата мисла и истата цел – што поуспешно справување со коронавирусот, па оттука и денешните лалиња и книги се само една симболика и за благодарноста но и за бескрајната почит кон здравствените работници кои овој период го даваат својот максимум за лекување и третман на пациентите од ковид-19. Холандија има огромна и континуирана поддршка во нашиот здравствен систем, се заблагодарам за грижата. Искрени честитки до амбасадорот Дирк Јан Коп, и амбасадата на Кралството Холандија по повод одбележувањето на Денот на кралот или Националниот ден на Холандија – изјави заменикот министер Арслани.