Штабот за заштита и спасување на општина Битола денес преку ЗУМ апликацијата одржa состанок. На состанокот се разговараше за актуелната здравствена состојба во општина Битола, при што беше заклучено дека, во последните две недели, бројот на новозаболени од ковид-19 се зголемува, но за разлика од претходно, сега не може да се дефинираат кластери, туку се зборува за широка распространетост на трансмисија на вирусот.
Дневно, согласно потребите и барањата на пациентите се вршат 160 тестирања од кои 100 ПЦР тестови во Центарот за јавно здравје, 30 брзи тестови во пунктот во УЗ „Панде Кајзеро“ и 30 тестирања во Здравствен дом.
Празничните групирања во домовите и угостителските објекти, рестораните и кафулињата, дополнително го зголемуваат ризикот од пораст на бројот на новозаболени од ковид-19.
Здравствениот персонал кој работи со пациентите заболени од ковид-19 е вакциниран. Во моментот во Клиничката болница Битола има доволно капацитети за сите пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, а до крајот на оваа недела се очекува да бидат ставени во функција и модуларните болници.
Општинскиот кризен штаб, апелира на одговорно однесување од страна на сите граѓани и почитување на сите мерки за заштита на здравјето на населението, со цел полесно надминување на овие кризни моменти и избегнување на несакани последици врз нашето здравје кои за жал можат да бидат и тешки и животозагрозувачки, се вели во соопштението на Кризниот штаб Битола.
М.М.