Со цел за целосно спроведување на владините препораки во справувањето со вирусот ковид-19, денеска во салата на Советот на општина Кисела Вода, општинскиот кризен штаб одржа состанок.

На состанокот, градоначалникот Филип Темелковски, членовите на кризниот штаб, кои се дел од општинската администрација, ги задолжи согласно препораките од Владата и Министерството за здравство, да продолжат да ги преземаат сите потребни мерки. Оваа седмица, општина Кисела Вода во сите основни училишта, градинки и канцеларии на месните и урбаните заедници ќе изврши дезинфекција. Редарите и инспекторите од Секторот за инспекциски работи при Општината, на јавните места ќе ги предупредуваат жителите за опасностите од вирусот.

Воедно, присутните претставници од полициските станици од општа надлежност, Драчево и Кисела Вода, детално го информираа градоначалникот за мерките кои ги преземаат во насока на спречување на вирусот, го информираа и за бројот на заболени лица и за бројот на лица во изолација. Претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ и сите останати членови на кризниот штаб, дадоа повеќе предлози за справување со вирусот.

За побрзо надминување на пандемијата, општина Кисела Вода апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките, да не ги носат децата на детските игралишта, да не се групираат, и секојдневно да преземаат мерки за заштита на здравјето.