Во Битола, според зборовите на директорката на Центарот за јавно здрваје, Елизабета Крстевска, состојбата со инфицираните од ковид-19 не е алармантна, сепак фактот што постојано се зголемува бројот на заразените беше повод за состојбата со коронавирусот да расправа Општинскиот кризен штаб.
Тоа што во моментот претставувува најголем проблем за здраствените работници во Битола е што позитивните на ковид-19, или не знаат од кого се заразиле, или ги кријат контактите.
Центарот за јавно здравје информира дека во изминатите три недели, бројот на заболени лица во Битола е зголемен за околу 50 отсто. Во моментов во Битола има 151 активен случај. Од оваа институција посочија дека сепак Битола не е во листата на градови со голем број заболени лица, а за тоа своја улога има и лабораторијата за ковид-19, во која се реализираат тестирања на дневна основа, резултатите се добиваат истиот ден и на тој начин може побргу да се реагира.
Како најголем проблем е посочено на седницата на Кризниот штаб криењето на контактите за воспоставување на целосна епидемиолошка слика на заболените лица во градот под Пелистер.
Од битолската полиција истакнаа дека се врши увид кај лицата со решенија за изолација, а на терен се изрекуваат санкции за лицата што не носат маски, или за субјектите кои не ги почитуваат препораките и законските мерки за заштита од ковид-19.
Општинскиот кризен штаб од состанокот упатија апел до граѓаните за примена на трите најважни правила – носење маска, држење дистанца и редовно миење на рацете.

М.М.