Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нема да настојувам со никакви рокови за пишување на домашните кај кои наидуваат на тешкотии, затоа што сѐ што е планирано во наставната програма може да се научи сега, по три седмици, по три месеци. Нам ни требаат здрави и среќни деца, кои многу го чувствуваат она што сакаме вешто да го прикриеме, вирусот што ни ги промени животот, работата и учењето, вели наставничката Душанка Јовановска

Во училница или на дистанца, за усвоеното знаење не треба да има непремостливи пречки

Од 9 март, основците, средношколците и студентите во земјава не следат настава. Ситуацијата со коронавирусот ги тера образовните власти и кај нас и во светот да бараат алтернативни начини за учење за да не трпи образовниот процес, како и за да може да се провери наученото.
Дали и колку сме ние подготвени за онлајн-наставата што ја најави министерот за образование и наука Арбер Адеми? Дали со најавената нова платформа ќе се успее реално да се направи нешто? И ако се направи, колку таквиот начин на трансфер на знаење ќе биде ефективен и перцептивен за учениците? Истото тоа важи и за валоризацијата на ангажманите и стекнатото знаење на учениците.

Дали проблематичните и новонастанати образовни услови ќе ја обликуваат и учебната година како проблематична? За овие прашања поразговаравме со практичари, кои најдобро можат да ни доловат со што се соочуваат периодов додека се дома.
Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, смета дека сѐ може да профункционира ако добро се организира, но во овој момент, вели таа, ние не сме подготвени за ваква настава.

– Ние сме им на располагање на децата, имаме и желба, покрај одговорноста. Не може да се споредуваат наставните методи во училница и онлајн, но неоспорно е дека како алтернативно привремено решение е можно. Впрочем, натаму одат работите, можеби еден ден ќе имаме само таква настава. Не може прецизно да се знае кој како го усвоил материјалот за да се оценува, оценката е комплексност од разни активности, усно и писмено излагање, анализа, синтеза, вреднување на наученото. Ние не сме комплетно подготвени за ваква настава и обично кога нешто мора да се реализира, а нема оптимални услови, правиме отпор и префрламе топка, додека децата се колатерала, како и секогаш – вели професорката.

Според Алексиќ, ваквиот систем на пренесување знаење по електронски пат може да стане импровизација, ќе има киксови, ќе има ловци на грешки или сеирџиство, таков ни е менталитетот.
– Ние се обидуваме да ги одржуваме децата во кондиција, но сѐ уште е индивидуално, не сме синхронизирани. Од друга страна, ако се поврземе со ист шаблон на онлајн-предавања, каде се тука креативноста, интеракцијата, можноста за дебати, слободните размислувања? Оценувањето преку онлајн-тестови може да заличи на екстерните тестирања, кои не беа полезни за децата токму поради ограниченоста и сведувањето на севкупното знаење на базичниот критериум, препознавање со заокружување, а ние се боревме против тоа. Ништо подобро од очен контакт при пренесување каква било информација, но во вонредна состојба треба да сме извонредно приспособливи и да придонесуваме кон новонастанатата ситуација.

Лично сметам, ова е мој став, дека учениците веќе имаат потенцијални оценки за крајот на учебната година и минат труд од речиси три квалификациски периоди. Може да им дадеме теми за проектна задача, да се консултираме онлајн и да ја завршат годината со економична програма, исклучиво со дела и наставни единици што влегуваат во матурскиот испит. Ни требаат здрави и живи, а знаењето ќе се надомести – вели професорката.
Со предизвици се соочуваат и одделенските наставници. Душанка Јовановска, долгогодишна одделенска наставничка во основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел, вели дека ништо не може да ја замени училницата.

– Во секој период од живеењето, кога човекот е засегнат за здравјето на своите најмили, за роднините, пријателите, колегите, соседите и своето лично здравје, човекот првично е преплашен, збунет, а потоа бара начини за излез и решавање на проблемот. Ова е најголемиот предизвик кога се во прашање здравјето, животот и работата. Ништо не може да ја замени училницата, алтернативата за поинакви врски е оправдана до мера кога е неопходно затоа што не знаеме до кога ќе трае овој „распуст“. Лично, континуитетот на наставните содржини го започнав на еден начин со електронска пошта и други наставни материјали со кои ученикот има можност да ги повторува веќе изучените содржини и самостојно да учи, затоа што станува збор за ученици од четврто одделение – вели наставничката.
Таа додава дека, како што поминува времето, планира комуникацијата да ја замени со други начини и насоки за современа комуникација.
– Нема да настојувам со никакви рокови за пишување на домашните кај кои наидуваат на тешкотии, затоа што сѐ што е планирано во наставната програма може да се научи сега, по три седмици, по три месеци. Нам ни требаат здрави и среќни деца, кои многу го чувствуваат она што сакаме вешто да го прикриеме, вирусот што ни ги промени животот, работата и учењето – вели Јовановска.

Министерот Адеми ја најави првата национална платформа за далечинско учење, која им е достапна на сите основни и средни училишта во Македонија. Е-училницата е достапна на www.eduino.gov.mk. Секоја наставна единица од секој предмет ќе биде снимена и прикажана онлајн. Функционирањето во практика на новиот модел, наметнат од новонастанатите услови, ќе се покаже на дело наскоро. Во секој случај, сите напори што се прават во функција на одржување на образовниот и воспитниот процес се за поздравување, а секое унапредување на овој алтернативен метод е добредојдено. Вонредните услови налагаат и вонредни решенија, а во сериозни држави и системи нема нешто што не е надоместливо. И за тоа треба да се има волја.