Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колку физичкото дистанцирање и изолацијата може да ги променат луѓето и државите

Колку наметната физичка дистанца во контактите и комуницирањето меѓу луѓето поради пандемијата на коронавирусот во иднина ќе биде начин на живот и нов модел на однесување и како ќе се одрази тоа во функционирањето на државата и општеството? Дали светот во периодот по корона-кризата ќе стане многу позатворен, поотуѓен, изолиран, а луѓето понарцисоидни, плашливи, повлечени во самите себеси и сл.? Сите овие дилеми се наметнуваат откога борбата со коронавирусот ги принуди луѓето да живеат во карантин, а стравот за здравјето и опстанокот дополнет со секојдневни информации и за економските последици полека навлегува во стилот на живеење на граѓаните.

Психолозите и политиколозите велат дека физичката дистанца и натаму ќе се задржи како начин на живот во општествата додека не биде поразена болеста, но таа нема капацитет трајно да го промени животот на луѓето, кои во својот нарав се социјални битија, а меѓусебната интеракција и контакт е нешто преку што напредуваме, се развиваме и надградуваме.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска вели дека ние како човечки битија и луѓе функционираме социјално, а тоа подразбира да се допираме меѓу себе, да се мирисаме, да се гледаме и да сме блиску, тоа ја пренесува нашата енергија, а голем дел од нашето општествено, културолошко и секакво функционирање е врзан со тоа.
– Нашиот организам функционира на тој начин што нам ни треба некој да нѐ допре, да нѐ гушне и да спиеме заедно.

Дополнително, за малите деца ваквиот живот е битен и пресуден за нивниот сеопшт развој, а особено е важно најмалите да бидат одгледани на овој начин за развој на интелигенцијата. Така што ова заболување со самоизолацијата и дистанцирањето кај нас ги пресече овие темелни вредности. Но битно е да напоменам дека тоа не нанесе трајна штета бидејќи говориме за период од неколку недели до неколку месеци. Доколку ова однесување продолжи со години е тогаш имаме проблем – вели психологот.

Според неа, грижата на човекот за своето здравје преку минимизирање на физичките контакти не е нарцисоидност, напротив тоа е заеднички и здружен чекор на човештвото за поразување на болеста.
– Нарцисоидноста е дијагноза што постоеше и пред коронавирусот и најголема грешка во овие моменти е да пласираме меѓу луѓето тврдења, кои се поврзани со заболувања на духот и умот, туку треба да подвлечеме дека она што сите го жртвуваме во овој момент е заеднички подвиг и да го охрабриме ова превентивно функционирање на луѓето на општество, кое е нетипично за сите нас – вели психологот.

Таа објаснува дека нагонот за преживување очигледно е многу битен и тој воопшто не е себична карактеристика и барем засега во овие околности е исклучително важен и позитивен за нашето општество. Според Стојановска Јовановска, нагонот за преживување што сега доминира кај луѓето, ги има привремено сменето односите на луѓето, но сѐ ќе се врати во нормала кога нашето здравје нема повторно да биде загрозено.
Политикологот Милан Стефаноски од сосема поинаков агол ги коментира актуелните случувања и вели дека со секое избегнување средба со пријателите атрофира нешто во човекот, а со тоа верижно натаму се ослабува и врската меѓу единките што ги чинат општествата и државите.

Според него, добрата страна во оваа состојба е што вистинските пријателства ќе испливаат на површина бидејќи човекот е друштвено суштество, а дополнително уште побитно е што откако нашата земја ќе го победи ова зло, ќе се засили врската меѓу нашите граѓани и ќе се зголемат патриотизмот и моралната свест.

– Тоа го тврдам бидејќи во овој момент сите станавме свесни дека само преку несебична поддршка едни на други, без разлика на националното потекло или религијата можеме да се избориме со овој проблем и само во соработка со државните власти, без разлика од која партија потекнуваат, Македонија може да опстои и политички и економски – заклучува Стефаноски.

[email protected]