Фото: Игор Бансколиев

АНАЛИЗА
ПИКОВИ И ПРЕЗЕМЕНИ МЕРКИ ВО ДОСЕГАШНИТЕ ЧЕТИРИ БРАНА НА ВИРУСОТ

Дали преземените мерки и реакцијата на надлежните се правопропорционални или обратнопропорционални со заканата и опасностите што ги носи вирусот и зошто кај граѓаните владее впечатокот дека вирусот секогаш е чекор или два пред нас? Или со други зборови, наместо да го фатиме за гуша и да му застанеме на патот, како постојано да каскаме зад него, па дозволивме да ни се повторуваат пиковите и брановите во серија, при што секој нов бран е посмртоносен од претходниот

Како се справува Македонија со ковид-19 и дали до овој четврти бран државата успеа да ги согледа сите слабости и предности од мерките што беа претходно носени? Зошто секој бран е сѐ посилен, со сѐ повеќе заразени и починати? Дали реакцијата на надлежните е правопропорционална или можеби обратнопропорционална од заканата и опасностите што го носи вирусот и зошто кај граѓаните владее впечатокот дека вирусот секогаш е чекор или два пред нас? Или со други зборови, наместо да го фатиме за гуша и да му застанеме на патот, како постојано да каскаме зад него и му гледаме во тилот.

На сите овие прашања, денес, речиси две години од почетокот на пандемијата, јавноста сѐ уште нема прецизен одговор, иако во сите четири брана на вирусот беа користени различни мерки со кои требаше да се спречи ширењето на вирусот.
Образложението на здравствените власти секогаш пред секој нов бран беше дека граѓаните не ги почитувале мерките и затоа се јавувале нови бранови, но речиси никогаш не признаваа евентуални пропусти или слабости во самите мерки.
Но како, всушност, се одвиваа брановите, со кое темпо на зараза, колкумина починати на ден и кои мерки беа во сила за секој нов бран?

Општата оцена на некои здравствени авторитети, кои ги критикуваа владините постапки, е дека Македонија доцнеше со мерките, но и дека голем дел од нив немаа епидемиолошка оправданост.

Недостига стратегија

Микробиологот Никола Пановски вели дека никој не може да каже дали мерките што се носеле низ текот на пандемијата биле соодветни или не, зашто целиот свет лута во тој сегмент.
– Секаде има различни стратегии за справување со брановите, но засега кај нас не знаеме која е стратегијата. Секако дека има парадокси во спроведувањето на мерките, зашто најстрогите мерки беа кога имаше најмал број позитивни случаи, но се пратеше политиката, економијата. Сега, последните донесени мерки немаат врска со епидемиологијата и со здравствениот аспект. Овој четврти бран го предизвика тоа што беа дозволени свадби и големи собири, но и немаше никаква контрола на границите – заклучува Пановски.

Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека рано е да се каже што од сегашните мерки ќе даде плод, особено што овој период е карактеристичен делта-сојот.
– Но кога би направиле една ретроспектива и да го споредиме овој бран со претходните три брана, може да се каже дека има разлика во начинот како се пренесуваше вирусот и клиничката слика на пациентите. Старосната граница на заразени и хоспитализирани е намалена сега, споредено со претходните бранови. Со алфа-бранот повозрасните луѓе беа на удар, сега таа возрасна група е застапена од 18 до 49 години. Преносот е полесен сега и речиси дуплиран од претходно – објаснува доктор Мехмедовиќ.

Смета дека сите мерки треба да се носат во согласност со моменталната епидемиолошка состојба, следејќи ги варијантите на ковид-19.
– Искуството што го имаме ни овозможува да спроведеме мерки, но не треба да се заборави дека оваа варијанта е полесно пренослива и дека рестриктивните мерки со ограничување на движењето се најефективни. Во моментот организирање какви било настани, особено на затворено може да биде опасност и ризикот за пренос ќе биде поголем – заклучува тој.

Секој бран со поголем број заразени и починати

Од почетокот на пандемијата од март 2020 година до јуни 2020 година, се случи првиот бран на ковид-19. Во тој период има два пика на најмногу заразени во еден ден. Првиот е на 12 април 2020 година со 68 лица позитиви на ковид-19. Вториот пик е на 11 јули 2020 година со 199 заболени во еден ден.

Во овој бран најмногу починати во еден ден биле 11 лица на 20 јуни.
Клучни мерки што тогаш ги презеде Владата беа по препорака на Светската здравствена организација, физичка дистанца, маска и задолжителна дезинфекција. Набргу потоа беа воведени рестриктивни мерки на забрана на угостителски објекти. Во средината на пикот на првиот бран беше воведена и мерката полициски час, која за време на верските празници Бајрам и Велигден беше и карантин во траење до 72 часа.
Начинот на работа некаде се адаптираше во согласност со потребите од превентива, со сменско работење или ротации, а некаде целосно се промени: „работа од дома“ и „онлајн настава“ станаа најчесто споменуваните зборови.
Олабавувањето на првиот бран значеше и олабавување и мерките, но остана носењето маски во затворен простор и физичка дистанца и дезинфекција.

Вториот бран е од почетокот на септември 2020 година до крајот на декември 2020 година. Во тој период има највисок пик на 10 ноември 2020 година со 1.321 заразен на ден. Најмногу починати има на 8 декември 2020 година или 46 лица.

Карактеристично за овој бран во поглед на мерките, беше дека со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19, во претстојниот период на празници се предложи нов пакет рестриктивни мерки со кој угостителските објекти работеа до 18 часот, како и забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите во сила е препораката максималниот број лица да не биде повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.

Третиот бран почнува од почетокот на февруари 2021 година и трае некаде до почетокот на мај 2021 година. Во овој бран пикот е на 30 март до 1.511 лица заразени на ден. Најмногу починати во еден ден, 51 лице, има на 6 април.

Од почетокот на март 2021 година, повторно беше воведен полициски час од 22 часот до пет часот наутро. Неколкупати се менуваше времетраењето на полицискиот час, кој беше укинат целосно во јуни.

Овој период беше донесена мерка за задолжително носење маска на отворено, која беше исто така укината во јуни.

Четвртиот бран почна на крајот на јули, односно почетокот на август. Досега е регистриран пик на 20 август од 1.250 позитивни на ден. Во овој период најмногу починати има на 20 август или 22 лица во еден ден.

Во согласност со препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувачници, казина), потребна е потврда за барем една доза вакцина или за прележан ковид-19, како сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација), односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Дополнително се донесе мерка со која се дозволува организирање и одржување спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, обложувачници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 отсто од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Во најголемиот ек на овој четврти бран од вирусот веќе од идната недела се очекува и почеток на новата учебна година со физичко присуство на учениците на наставата.


Досегашни бранови и пикови на ковид-19

ПРВ БРАН (продолжен)
– трае од март до јуни 2020 година
– 12 април 68 заразени на ден
– 11 јули 199 заразени на ден
– 20 јуни 11 починати на ден

ВТОР БРАН
– трае од септември 2020 до декември 2020
– 10 ноември 1.321 заразен на ден
– 8 декември 46 починати на ден

ТРЕТ БРАН
– од февруари 2021 до мај 2021
– 30 март 1.511 заразени на ден
– 6 април 51 починат на ден

ЧЕТВРТИ БРАН
– од крајот на јули
– 20 август 1.250 заразени на ден
– 20 август 22 починати на ден