Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, вели дека во градот се појавил еден нов случај на жител заразен со корнавирус.

Тој најави дека сите кои ќе влегуваат во Дебар, од сега, ќе им се мери температура бидејќи стравуваат од втор бран на вирусот.

– Информирани сме, неофицијално, дека имаме еден случај на ковид-19. Се работи за жена која била оперирана пред три години, а сега околу 10 навечер дошла во Општата болница Дебар, веднаш е третирана со адекватна терапија, изолирана и испратена на Клиниката за анестезиологија и реанимација каде и е земен брис за ковид-19 и увидено е дека таа е позитивна. Овој пациент имал контакт со домашните, но имал и посети дома, како и контакти со медицинскиот персонал кој се затекнал со дежурство вчеравечер. Дебар веќе не е зелена зона, туку има еден случај, што се очекуваше – рече градоначалникот.

Тој кажа дека епидемиолог ги утврдува контактите, по што сите кои имале контакт со пациентката ќе бидат ставени во изолација, вклучително и медицинарите од болницата во Дебар.

Дука кажа дека МВР ќе го контролира влезот и излезот од Дебар, а секој што ќе влегува ќе му се мери температура.

Според статистиката на Министерството за здравство, од почетокот на пандемијата во Дебар имало 51 случај на инфекција, но откако градот беше ставен во карантин, таму немаше нови активни случаи.