Фото: Игор Бансколиев

Дали пандемијата на коронавирусот, која се одрази на стопирањето на производството во индустриите, но и на плантажите за одгледување растенија во Индија и во Кина, поради опасноста од ширење на вирусот, може да влијае на намалување на обемот на производство на лековите во фармацевтската индустрија?
Овие дилеми се актуелни во јавноста откога мноштво светски медиуми информираа за состојбите. Порталот „Еуобсервер“ во својот последен текст за случувањата информира дека импактот од коронавирусот на животот во Кина и во Индија, кои се двете најголеми земји за извоз за фармацевтски индустриски препарати, може да влијае врз глобалното производство, дистрибуцијата и трговијата на лекови и продукти на индустријата.

Во изјава за медиумот, Вера Јурова, потпретседателка на Европската комисија, изјавила дека кризата со коронавирусот всушност покажала колку е зависна европската фармацевтска индустрија од Кина и од Индија.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“, на темава пишува дека ќе биде потребно долго време фармацевтската индустрија да закрепне од недостигот од препарати што потекнуваат од Кина и од Индија, а кои во моментов ги нема на пазарот и кои се неопходни за непречено производство на антибиотици и витамини.
Весникот набројува листа од 26 препарати што во моментов на пазарот ги нема поради намаленото производство на препаратите и поради забраните за извоз на овие производи од двете држави.

Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните добро упатените велат дека нашата земја треба да ги мониторира овие процеси, кои индиректно може да се одразат и на домашното производство на лекови.
Доктор Мартин Јовановски, кој работел за повеќе видни претставништва на фармацевтски светски компании во Македонија и кој ја познава оваа индустрија, вели дека сѐ уште има многу непознати за тоа како ќе се одрази корона-кризата врз фармацевтскиот сектор, каде што главен фактор за производство на лекови е самото времетраење на истата таа.
– Според него, оваа констатација се должи на фактот што производството на лекови во светот и во земјава е дел од еден непрекинат синџир на снабдување со суровини, а сето тоа со сигурност ќе влијае врз фармацевтската индустрија исто како и врз секоја друга индустрија – објаснува Јовановски.

Според него, во моментов е евидентен прекин во набавката на состојки потребни за изработка на лекови и друг медицински материјал што може да се одрази со намалено произведено количество и директно влијае на задоволување на македонските потреби.
Дополнително, објаснува Јовановски, постојат рестрикции на извозот на одредени лекови и медицински материјали од Кина и од Индија што индиректно ќе влијае на количеството расположливи лекови во Македонија.

– Не сме засегнати директно од овие настани бидејќи многу од тие препарати ги нема на нашиот пазар, но сме индиректно инволвирани бидејќи сето тоа верижно меѓу земјите ќе влијае на глобалната побарувачка и потрошувачка на лекови. Па, така, колку поскоро се отворат границите во светот и се намалат рестрикциите толку подобро ќе биде за нашата индустрија и за граѓаните – вели тој.

Јовановски поентира дека, за жал, не сме интересен и голем пазар за да бидеме во срцевината на овие настани, но додава дека е возможно да се претпостави, па дури и да се очекува цените на многу лекови што ќе бидат достапни да се зголемат, доколку државата не интервенира навремено за да ја ублажи состојбата пред да се случи тоа.

[email protected]