Фото: Игор Бансколиев

За запирање на епидемијата на коронавирусот, Кина примени метод на следење на локациите на заразените лица преку мобилните телефони и соодветни алки на рацете. Рускиот премиер им даде на властите петдневен рок за развој на систем за следење на луѓето преку мобилните телефони за да имаат податоци за контактите на лицата заразени со коронавирусот,Чешка вооведува паметен карантин, а италијанската влада, во соработка со телефонските компании, го следи движењето на граѓаните преку нивните мобилни телефони…

Непочитувањето на самоизолацијата, незнаењето, ниското ниво на здравственото образование, како и разните други облици на перцепции и однесување со кои се прекршуваат мерките што ги носи Владата придонесуваат за сè поголемото ширење на вирусот ковид-19 во земјава, поради што се бараат ефикасни начини за намалување на пандемијата. Поради тоа, владите на повеќе земји сѐ повеќе прибегнуваат кон методи што се граничат, а некои од нив, според експертите за човекови права, дури и ги загрозуваат основните човекови права. Од вчера, претседателот на Србија најавува 24-часовен полициски час. Или да го земеме примерот со Кина. Таму државата успеа во рекорден рок да ја стави под контрола епидемијата со коронавирусот применувајќи метод на следење на локациите на заразените лица преку мобилните телефони и соодветни алки на рацете.

Сличен проблем сега имаат повеќето земји во светот, така што некои од нив сè повеќе почнуваат да ги применуваат кинеските искуства за поефикасно спречување на ширењето на вирусот.
Имено, рускиот премиер Михаил Мишустин им даде на властите петдневен рок за развој на систем за следење на луѓето преку мобилните телефони за да имаат податоци за контактите на лицата заразени со коронавирус.
Италијанската влада, во соработка со телефонските компании, го следи движењето на граѓаните преку нивните мобилни телефони, а резултат на тоа е за 60 отсто намалено движењето на луѓето.

На ваков чекор се одлучи и израелската влада, која распоредува технологија за следење на мобилните телефони на луѓето за да утврди дали ја прекршуваат самоизолацијата, но на тоа се спротивстави Врховниот суд во оваа земја, сметајќи дека им се нарушува приватноста на луѓето.
Во Чешка, пак, почна тестирање наречено паметен карантин. Во превод, тоа значи следење на луѓето преку нивното користење телефони и банкарски картички. Имено, преку податоците од провајдерот на мобилните телефони и од банкарските картички на граѓаните, се следат контактите на луѓето заразени со коронавирусот. Паметниот карантин го организира армијата, а со таа мерка управува шефот на националниот Централен кризен штаб, епидемиологот Роман Примула. Армијата за овој зафат мобилизира 253 војници, 82 возила и низа други воени ресурси.

Познавачите на состојбите во ИТ-секторот во Македонија потврдуваат дека е можно да се изработи апликација што ќе овозможи следење на лицата што се заразени или се наоѓаат во самоизолација, но дека тоа треба да го одобрат надлежните институции.
– Секако дека е остварлива оваа идеја. Треба да се направи дигитална апликација, но претходно тоа треба да го одобрат надлежните институции – вели Дејан Крстевски, директор на софтверската компанија ГДИ, која ја изработи првата интерактивна мапа за состојбата со вирусот ковид-19 во Македонија.

Тој додава дека тие го изработиле ова решение за да можат граѓаните да ја следат состојбата со вирусот врз основа на информациите добиени од надлежните.
– За дополнителни решенија, треба да добиеме барање од институциите и од нив зависи до кое ниво сакаат да се собираат податоците во врска со коронавирусот. Кина имаше вакви решенија, а се одеше и дотаму што на луѓето им се ставаа специјални алки што можеа да се следат. Тука се важни и телекомуникациските оператори, кои преку своите базни станици би можеле да спроведат ваква мерка – појаснува Крстевски.
Операторите потврдуваат дека следењето на луѓето преку мобилните телефони е можно, но за егзактна геолокација на телефоните се потребни поголема инвестиција и подолг временски период.

– Системот за следење на луѓето преку мобилните телефони е можен на ниво на подрачје што определена ќелија го покрива со сигнал, а конкретниот мобилен телефон е сервиран од таа ќелија. За егзактна геолокација на телефоните, потребна е дополнителна инвестиција, која е значителна, и потребно е подолго време за нејзина имплементација – информираат од Агенцијата за електронски комуникации, повикувајќи се на податоци од телекомуникациските оператори во земјава.
Според познавачите на состојбите во делот на заштитата на човековите права, евентуалната мерка за следење на локацијата преку мобилните телефони претставува нарушување на приватноста на луѓето во секој поглед.

– Не смее да се дозволи следење на телефоните на граѓаните. Тоа е меч, јас би рекла, со едно сечило. Тоа е навлегување во приватноста на луѓето, кое подоцна би можело да се искористи и за други намени. Следењето на мобилните на граѓаните на некој начин е отворање на вратата на Орвел – вели професорката Мирјана Најчевска, активистка во делот на заштитата на човековите права.