Последните трицифрени бројки на заразени со коронавирусот и уште позастрашувачките бројки на починати само го потврдуваат фактот дека земјава всушност никогаш не завршила со првиот бран, туку вирусот е присутен постојано, а неговиот пик се случува секој ден. Според последните податоци на страницата на Институтот за јавно здравје за последните 24 часа соопштени во саботата, регистрирани се 185 новозаразени и 11 починати лица.

Новата состојба до затворањето на весникот за последните 24 часа не беше позната, но податоците што пристигнуваат од терен, особено од Охрид и од Струга, покажуваат дека и во следниот период треба да се очекуваат трицифрени бројки на заразени. Во меѓувреме новинари, политичари, јавни личности секојдневно обелоденуваат дека се позитивни на ковид-19, а некои од нив, за жал, ја загубија битката со вирусот. Неодамнешната потврда на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека е позитивен на ковид-19, како и на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека кај неговата мајка е потврдено присуството на вирусот, покажува дека коронавирусот не избира, а претстојната предизборна кампања дополнително го зголемува ризикот за уште поголемо ширење на епидемијата.

Паралелно на сето ова неодамна на Инфективната клиника во Скопје заврши и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири заедно со неговото семејство. Позитивна на коронавирусот беа и директорката на УЈП Сања Лукаревска, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски понатаму на Гази Баба Борче Георгиевски и други што е потврда дека политичката функција не штити од ковид-19, а коронавирусот е присутен и меѓу политичарите. Во таа насока двете најголеми партии најавија дека во изборната кампања нема да организираат митинзи, туку промовирањето на изборните програми најмногу ќе го вршат преку медиумите и социјалните мрежи. Министерот за здравство во таа насока неодамна најави дека во текот на оваа недела ќе биде финализиран и протоколот за изборите, што треба да биде доставен до ДИК и со кој треба да се обезбеди безбедно гласање на денот на изборите. Од ДИК веќе претходно соопштија дека изборите ќе бидат безбедни за сите.

– Како комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите што учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин – истакна претседателот на ДИК Оливер Дерковски.